Мрежата за заштита од дискриминација одржа промоција на документот за јавни политики со фокус на силување и сексуално вознемирување „Како до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство?“. Настанот се организираше во рамки на обележувањето на меѓународната кампања 16 дена активизам против родово-засновано насилство, информираат од Мрежата.Неговата цел беше да промовира предлог-решенија за ефикасна заштита на жртвите на сексуално насилство во согласност со веќе прифатените обврски од Истанбулската конвенција и да побара итно донесување на измените на Кривичниот закон (КЗ).Во периодот на чекање на измените на КЗ, после повеќе од една година може да се посведочи на несоодветно спроведување на постапките за кривичен прогон на сторителите на сексуално насилство, одолговлекување на постапките, несоодветно квалификување на делата и неосновано прекинување на прогонот со што се казнуваат жртвите наместо сторителите, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација и правна советничка во Коалиција МАРГИНИ го отвори настанот укажувајќи дека „одолговлекувањето на донесувањето на измените на КЗ значи дека сѐ уште немаме консензус меѓу политичките партии по прашањето за заштита на жртвите од родово-засновано и од сексуално насилство“.

   

„Во текстот е инкриминирано само сексуалното вознемирување од страна на лице во однос на кое жртвата е во подредена или ранлива состојба, со што не се опфатени случаите кога сторител е колега на иста позиција, со-ученик, колега на факултет или трето непознато лице. Исто така не е предвидено сексуалното вознемирување онлајн, иако Истанбулската конвенција тоа го бара“, посочи таа.Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска потенцира дека e многу важно делото силување да биде видоизменето како согласноста би била клучна за негово докажување, бидејќи сегашниот Закон бара употреба на сила спротивно на меѓународните стандарди што воедно преставува практична пречка за прогон на сторителите во многу случаи. Пировска додаде дека согласноста треба да биде дадена доброволно, без присила, уцена и принуда и да се цени согласно околностите на секој случај засебно.Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, на увид даде сознанија за малиот процент од 2 отсто на пријавување на насилства во нашата земја од вкупниот број на случаи во стварноста, што значи дека вистинската бројка на случаи би била алармантна.

 

Снежана Калеска-Ванчева, претседателка на Законодавно-правна комисија на Собранието на Република Северна Македонија изјави дека измените на КЗ ќе значат вистински почеток на имплементацијата на Истанбулската конвенција. Иако истакна дека амандманите на граѓанските организации се земаат сериозно предвид, таа не беше во можност да каже дали и во кој степен ќе се прифатат.Тона Карева, правна советничка од Хелсиншкиот Комитет за човекови права и членка на Мрежа за заштита од дискриминација, истовремено авторка на документот за јавни политики, ги презентираше наодите од истиот. Таа ја претстави компаративната анализа вклучена во публикацијата која опфаќа добри практики од три држави и различни случаи, и ги претстави различните форми на сексуално насилство, вклучувајќи ги сексуалното вознемирување, експлоатација, насилство, напад и силување.