Обновата на улицата траеше со месеци, а откако заврши сега никому не му текнува дека треба да обележи и пешачки премини, нешто што е обврска на ЈП „Улици и патишта“.
Неколку месеци по целосната реконструкција и повторно пуштање во употреба на една од најфреквентните улици во општина Кисела Вода, улицата „Христо Татарчев“, на сообраќајницата долга седумстотина метри сѐ уште не е обележан ниту еден пешачки премин, правејќи го нејзиното преминување вистински предизвик за сите пешаци кои се движат во овој реон.Знак за пешачки премин пред основното училиште „Круме Кепески“ / Фото: „Слободен печат“
Обновата на улицата траеше со месеци, а откако заврши сега никому не му текнува дека треба да обележи и пешачки премини, нешто што е обврска на ЈП „Улици и патишта“. Неколку месеци по целосната реконструкција и повторно пуштање во употреба на една од најфреквентните улици во општина Кисела Вода, улицата „Христо Татарчев“, на сообраќајницата долга седумстотина метри сѐ уште не е обележан ниту еден пешачки премин, правејќи го нејзиното преминување вистински предизвик за сите пешаци кои се движат во овој реон.

Улицата, која се протега од бензиската пумпа „Макпетрол“ кај „Мечкаров“ па сѐ до кружниот тек на последната станица на автобусот број 24, по долгогодишно барање на жителите конечно се реконструираше. -Со години баравме да се обнови улицата, тука поминуваат деца од повеќе училишта, на патот скоро секаде имаше дупки, а откога започнаа со копање и гребење на стариот асфалт, тој процес траеше со месеци додека целосно не завршат со работа- вели жител кој живее близу оваа улица за „Слободен печат“. Почеток на овој проект стартуваше во август минатата година. Но, откако се ископа коловозот и се извади стариот асфалт, улицата два месеци остана раскопана, поточно со изгребан асфалт, без градежни работи и без најава ниту од Град Скопје ниту од Општина Кисела Вода кога повторно ќе биде во функција, а на неа секојдневно поминуваа автомобили, исто како да е пуштена во сообраќаен промет. Во меѓувреме, по неа не сообраќаа автобусите, па жителите од тој дел мораа да одат и по еден километар до најблиската станица.

Оваа реконструкција ги разгневи граѓаните поради тоа што на неа се работеше етапно, со огромни паузи меѓу фазите на обнова, оставајќи ја долго време раскопана и изгребана со ненивелирани шахти. Долгото времетраење на обновата беше главната причина за секојдневен метеж и сообраќаен хаос од рано наутро до доцна попладне, особено кога ќе земеме предвид дека оттука минуваат неколку автобуски линии од градскиот превоз, што дополнително го отежнуваше пристапот на граѓаните до своите домови во населбите Припор и општина Сопиште. Општината оваа реконструкција ја најави во август минатата година, како проект од огромна важност и дел од голема, како што велат, инфраструктурна офанзива која нема да остави ниту една улица во општината неасфалтирана.– На улицата Христо Татарчев ќе се врши целосна реконструкција на потегот од бензинската „Мечкаров“ до кружниот тек на последната станица на автобусот со број 24. На површина од околу 7 000 квадратни метри дотраениот оштетен асфалт ќе се замени со нов, што значи и поудобен и побезбеден сообраќај- изјави тогаш градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.Оттаму информираа дека проектот е финансиски поддржан од Светската банка и Министерството за транспорт, кои го овозможиле почетокот на неговата реализација. Денес, реконструкцијата е готова и улицата „Христо Татарчев“ веќе со месеци е целосно пуштена во употреба за возачите и за автобусите, но на неа не е видлив ниту еден пешачки премин. Жители од општината, особено повозрасните се вознемирени и постојано се жалат дека поради тоа што нема премини, принудени се да пешачат дури и по половина километар за да стигнат до место каде што има семафор и каде можат да преминат без ризик.

Земајќи предвид дека на оваа улица е лоцирано основното училиште „Круме Кепески“ и градинката „8 Март“, преку неа секојдневно поминуваат стотици деца и ученици кои треба да ја преминат улицата за да дојдат до соодветната автобуска станица или до својот дом, правејќи го обележувањето на премините есенцијален и најважен дел пред оваа улица да се пушти во употреба. Граѓаните велат дека уште поопасно е да се преминува улицата во ноќните часови. – Ем е темно, ем нема пешачки премини, нашите деца кога ќе завршат со втората смена од училиште веќе е мрак, од каде да поминат, треба да претрчаат, а моето по училиште оди и на тренинг и постојано ми кажува дека ретко кој автомобил го пропушта да премине улица за да отиде до автобуската станица – вели жителка од Кисела Вода. Надлежни за обележување на хоризонталната сообраќајна сигнализација на улиците се ЈП „Улици и патишта“, кои тоа го прават според одредена програма. Оттаму досега нема одговор на прашањето зошто сѐ уште и после неколку месеци по завршената реконструкција немаат обележано пешачки премини на оваа улица. Поминувањето преку неа е секојдневен ризик за пешаците, а особено за најмладите, па ова јавно претпријатие мора да ја стави оваа улица во приоритените во својот план и програма.

Oд Општина Кисела Вода потврдуваат дека се запознаени со овој проблем.-Се работи за улица која е во надлежност на Градот Скопје и за која, согласно информациите што ги имаме, нема технички прием, нема прием од надзор, ниту е извршен прием од Светска Банка. Во изминатиот период за оваа улица бараме одговор од градот Скопје и кога ќе го добиеме дополнително ќе ве известиме – велат од општината за „Слободен печат“.