По цел месец е потребен за писмата кои патуваат во Скопје по пошта да стигнат до назначената адреса. Дел од нив и воопшто и не стигаат. Такво е искуството на редакцијата на Радио Слободна Европа со новогодишните честитките кои на 15 декември од поштата во Скопје ги пуштивме на пет адреси, со цел да ги честитаме празниците, но и да видиме кога ќе стигнат. Празниците поминаа, а честитките не стигнаа. Изненадувањето се случи на 11 јануари, скоро еден месец по испраќањето, кога поштарот во ист ден донесе честитки на три адреси – во Центар, Лисиче и Ченто. Месец и половина од испраќањето, уште ги нема честитките испратени на адреси во Влае и Соње, иако според „Гугл мап“ до двете места и пеш се стигнува за 2 часа, а со автомобил за дваесетина минути. Празниците поминаа – честитки по пошта не стигнаа.