Денес, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери претседаваше со Првиот состанок на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа во својство на претседател на Групата. На состанокот учествуваше потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, координаторот на Пратеничката група на СДСМ и коалиција Јован Митревски, координаторот на Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалиција, Никола Мицевски, координаторот на Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди, претставничката на Алтернатива, Сафије Садики Шаини, претставникот на Движењето БЕСА, Бастри Бајрами, како и амбасадорките на Украина и на Хрватска во Република Северна Македонија.
Во своето воведно обраќање претседателот Џафери нагласи дека со формирањето на парламентарната димензија на Меѓународната Кримска платформа се комплетира неговата архитектура, се делува во насока на ефективноста на меѓународниот одговор кон тековната окупација на Крим и на други делови на Украина, а истовремено се потврдува солидарноста и единството на меѓународната заедница во одбраната на нормите на меѓународното право меѓу членките на Европската Унија и НАТО. Собранието на Република Северна Македонија, со овој денешен чин, се приклучува на пораката што ја испраќа сиот демократски свет против насилно наметнатиот руски поредок и моќна порака дека меѓународното право, неповредливоста на меѓународно признатите граници и нашите заеднички вредности – човековите права и основните слободи мора и ќе бидат заштитени.
Во продолжение на седницата со свои обраќања придонесоа и присутните амбасадорки на Украина и Република Хрватска, како и присутните пратеници. Амбасадорката на Украина изрази благодарност за формирањето на групата и информираше дека ваква група е формирана во неколку Парламенти и во Парламентарното собрание на НАТО. Истакна дека овој чекор на Собранието е поздравен и високо ценет од страна на претседателот на Врховната Рада, Стефанчук и потврди дека Собранието е од самиот почеток активен поддржувач ка Украина. Сите присутни пратеници ја искажаа својата поддршка за Украина и подвлекоа дека веќе имаат подготвени листи со имиња на пратеници кои се заинтересирани за активно учество во Групата која е отворена за приклучување на секој пратеник што сака да биде дел од оваа мрежа.