Полицијата врши претреси на повеќе локации во Скопје, а во полициската акција која е во тек опфатен е и поранешниот директор на Затворот во Шутка, Филип Андов – Сокол и поранешни и сегашни вработени во затворите. Колкумина се приведени и на колку локации се вршат претреси се уште нема официјална информација од Министерството за внатрешни работи.
– Под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по Наредба на судија на претходна постапка полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при МВР извршуваат претреси на локации во Скопје. Подетални информации во текот на денот – соопштија од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов за „Слободен печат“ вели дека оваа акција е резултат контролите и неправилностите што беа констатирани во затворите во јули минатата година.