Син на висок функционер на Министерството за внатрешни работи во петокот минатата недела предизвикал инцидент на периферијата на Скопје каде што бил запрен по бегство од полициска патрола поради нелегално користење на т.н. „флешери“, но полицајците го пуштиле со тврдење дека станува збор за службен автомобил на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), објави Телма повикувајќи се полициски извори. На прашање на телевизијата од МВР одговориле дека ќе го испитаат случајот и доколку се утврди полициско постапување спротивно на законот, полициските службеници кои згрешиле ќе бидат санкционирани.
И покрај сè, полицајците од патролата го пуштиле синот на заменик-министерот да си замине, но доказите не можеле да се избришат бидејќи радиокомуникацијата на полициските службеници е снимена согласно законските прописи. Инцидентот, според информациите на Телма, се случил во петокот околу 17:40 часот. „Аудито“ било земено на лизинг како возило на обезбедување на фабрика за производство на марихуана за медицински цели бидејќи со тоа се занимавал синот на функционерот на ДУИ. Според информациите, возилото имало и казни за сообраќајни прекршоци, а еднаш дури било спуштено од пајак-возило кога било непрописно паркирано.
И други возила на обебзедувачите на фармата за марихуана биле непрописно опремени со флешери и со сирени. Флешери на автомобили смеат да имаат и да користат само полицијата, итната помош, противпожарната служба, владини автомобили за превоз на функционери и за обезбедување, специјализирани возила за транспорт на пари, како и определени дипломатски возила. За другите „цивилни“ возила е забранета употреба и се изрекува парична казна. Употребата на сирени (хорни) е уште построго регулирана и не е дозволена за автомобили на обезбедување и на агенции за обезбедување без разлика дали станува збор за син на функционер, полицаец кој не е на работа или граѓанин – возач. Од МВР најавиле дека ќе излезат со информации доколку биде утврдена грешка и незаконско работење на полицајците во случајот.