Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за здравство со единствена точка на дневниот ред Предлог – одлука за одржување Надзорна расправа на тема: „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“. Претходно, таква расправа организираше Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на која Татјана Чакулев од „О2 иницијатива“ се осврна на негативните ефекти од аерозагадувањето врз животот и здравјето на луѓето и нагласи дека нашата држава е на самиот врв во Европа. Соопшти податок дека во 2022 година, како последица од енормно загадениот воздух, 3600 луѓе починале предвреме што, како што рече, е 16 отсто од вкупниот број починати во таа година. Како извори на загадување, таа ги посочи горивата, загревањето, согорувањето, индустријата… Притоа рече дека „заблуда кај нас е дека домаќинствата што се загреваат на дрва не загадуваат“.
На пратеничко прашање дали увозот на стари возила значително придонесува во аерозагадувањето, одговори дека не е проблем само увозот, туку „проблем имаме и со нашиот опасен отпад кој се создава во земјава“. Игор Смилев од Здружението „Грин пауер“ од Велес и советник во Општина Велес ги наброи локалните проблеми од кои, рече, произлегуваат и глобалните проблеми во екологијата. Покрај тоа што има само 14 државни инспектори, Велес како и други општини немаат локален инспектор за животна средина. Велес нема локален инспектор, рече, иако пресушува река Бабуна поради дивоградби и микроклиматските промени и пресушува езерото „Младост“. Според него, и кога има огласи, инспектори не се јавуваат „затоа што тоа значи пресметка со локалната еко мафија“. Смилев соопшти и дека наместо две кои постоеле претходно, сега во Велес има само една државна мерна станица за мерење на загадувањето. Од 365 дена во годината, 135 дена во Велес се со над дозволени граници на загадување „и секој трет ден Велес дише токсичен воздух“.
Ана Петрова од Зелен институт и поранешен инспектор, во своето излагање се осврна на горивото што се увезува во државава кое главно, рече, доаѓа од Западна Европа и Грција. Како што рече, „не знаеме какво гориво гориме“ и апелираше сите политички субјекти да се здружат за да се анализира целата легислатива која ги регулира сите закони за да се воспостави протокол за контрола на квалитетот на горивата. – Имаме порозна царина која има законско овластување да следи само сулфур во горивото додека другите параметри треба да ги мери Пазарниот инспекторат. Но, тој не е надлежен да го мери квалитетот на царина, само на складиште и таму каде што се користи од возилата, но не и во јавни објекти и индустријата. Инспекторатот за животна средина не мери квалитет на гориво, туку често се задоволува со присуство на терен со испитување на документација наместо со себе на вонредни надзори да води акредитирана лаборатории и да мери емисии – рече Петровска.
Државата заедно со индустријата, посочи таа, треба да одвои пари за целосна реконструкција на производниот сектор за да се направи револуција во заштита на воздухот. Таа ја посочи и одговорноста на локалната самоуправа. На надзорната расправа претставник на „Екосвест“ се осврна на загадувањето од оџаците на РЕК Битола и емисиите од сулфур диоксид кои влијаат штетно на здравјето на луѓето, особено во зголемување на респираторните болести. Етапно преминување на РЕК Битола кон обновливи извори на енергија, рече тој, е еден од начините за надминување на проблемот. Повика фокусот да се стави на енергетска ефикасност и на горивата што ги користат јавните институции и домаќинствата и сериозно да се размислат проектите за хидроцентрали, гасификација и декарбонизација.