По повод денот на основањето на ПАБСЕК, денеска (27 февруари 2025 година), во Истанбул се оддржа Специјален состанок на Постојаниот комитет. На состанокот присуствуваа националните делегации на Азербејџан, Бугарија, Грција, Молдавија, Северна Македонија и Турција. Состанокот го водеше Фатих Донмез, потпретседател на ПАБСЕК и шеф на Делегацијата на Туркије во ПАБСЕК. Kако клучен механизам за парламентарна соработка во регионот на Црното Море, Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка (ПАБСЕК), oд своето основање нa 26 февруари 1993 година, континуирано работи на зајакнување на економските, политичките и културните врски меѓу земјите-членки, промовирајќи дијалог, стабилност и развој. Овој ден е потсетник на важноста на партнерството и заедничките напори во градењето на посилна и поодржлива регионална соработка. ПАБСЕК останува посветен на својата мисија за подобрување на економските и социјалните перспективи на народите од регионот, со визија за уште поефикасна и продлабочена соработка во иднина.
За време на состанокот, беа разменети мислења за различни прашања поврзани со активностите на ПАБСЕК, како и за тековните и идните планови на Собранието. Претставниците на националните делегации имаа обракање на тема: „Моќта на партнерството: Оценување на тековната соработка и визија за идни можности“. Во своето обраќање, Благица Ласовска, шефицата на нашата Делегација, потенцираше дека ПАБСЕК останува клучен механизам за унапредување на парламентарната дипломатија, економската интеграција и мултилатералната соработка меѓу земјите-членки. Истакнувајќи ги досегашните успеси, таа нагласи дека преку заеднички иницијативи се унапредува поврзаноста во регионот, поттикнувајќи економски раст и стабилност. Иако досегашната соработка донесе значајни резултати, беше подвлечено дека предизвиците, како што се политичките тензии, економските разлики, енергетската безбедност и технолошкиот јаз, бараат постојана адаптација и посветеност. Глобалните кризи, како што беа пандемијата и нарушувањата во синџирите на снабдување, ја потенцираа потребата од подобро координирани и одржливи решенија.
Во насока на идниот развој, Ласовска ја нагласи потребата за јакнење на регионалната енергетска поврзаност преку иницијативи за зелена енергија; олеснување на трговијата преку дигитализација, подобрена инфраструктура и заеднички инвестициони рамки; унапредување на човечкиот капитал преку образовна соработка, културни размени и професионална обука. На крајот, таа истакна дека успехот на регионот зависи од силните партнерства, заемната доверба и заедничките напори за подобра иднина. Како парламентарци, учесниците се заложија да продолжат да работат на креирање политики кои промовираат единство, стабилност и одржлив развој на регионот на Црното Море.