Во рамките на официјалната посета на Обединетото Кралство, претседателот на Собранието, Африм Гаши и Делегацијата остварија средба со Даниел Гриндберг, парламентарен комесар за стандарди. Гриндберг ги пренесе искуствата на Британскиот парламент во оваа сфера, начинот и методите на неговата работа, како јавноста во Обединетото Кралство е информирана за поведените постапки и резултатот од истите. Ги истакна трите основни принципи во работењето по кои се води парламентарниот комесар за стандарди, а тоа се: отвореноста, чесноста и интегритетот и објективноста. Акцентираше дека основен предуслов еден етички кодекс да биде реално имплементиран, е истиот да биде кус и да се спроведува во целост.
Претседателот Гаши и Делегацијата накусо го запознаа комесарот со Етичкиот кодекс на пратениците во Собранието, како алатка која обезбедува насоки за постапување на пратениците во Собранието, како и правила за одговор на неприфатливо однесување на пратениците. Во текот на дискусијата, беа разменети видувања за подобрување на етиката и интегритетот во работењето на пратениците, одговорноста и посветеноста во градењето на парламент отворен кон јавноста. Парламентарниот комесар за стандарди се избира директно од Домот на пратеници на Британскиот парламент со мандат од 5 години и ужива голема почит и доверба како во Парламентот, така и во јавноста. Неговите одлуки се секогаш спроведени во целост, со многу мали исклучоци на несогласување со истите од страна на пратеникот кон кого е покрената постапка. Комесарот е високо профилиран јавен службеник со висок морален интегритет и достоинство за вршење на таа престижна функција.