Фото: Oliver BUNIC / AFP / Profimedia
Српската православна црква ја обвини владата во Украина дека врши притисок, насилство и прогон на Украинската православна црква, која е под јурисдикција на Руската православна црква.Ова доаѓа откако властите во Киев им поставија ултиматум на монасите на Украинската православна црква, теолозите и учениците – до полноќ да го напуштат манастирот Киево-Печерска Лавра. Мерката е спорна, како на меѓународно ниво, така и во самата Украина.
Српскиот патријарх Порфириј во соопштението вели дека Украина „го прогонува православието“.
„Српската православна црква со длабока загриженост, тага и братска љубов, гледа на страдањата на светците во Украина, на притисоците, насилството и на прогонот што сегашната украинска власт ги врши врз канонската црква, а со тоа и врз мнозинството нејзини граѓани, со оглед на тоа што е најголемата верска заедница во државата. Прогоните кулминираа во последните денови со насилното конфискување на храмовите во корист на псевдоцрковната расколничка структура, која има статус на некаква државна црква и неформална инквизиција“, се вели во соопштението на СПЦ потпишано од српскиот патријарх Порфирије.
Од СПЦ тврдат дека е најавен и „претстојниот врв на теророт“. Тој наведува дека тоа е „верно повторување на советскиот прогон на Црквата“.
„Протерувањето 250 монаси и стотици професори и студенти по теологија од Киевско-печерската лавра, древниот духовен извор и центар на светата Русија, крштевањето на источнословенското христијанство и православието во модерна Украина, Русија и Белорусија, е застрашувачки терор и најгрубо кршење на основните права на Црквата и верската слобода. Однесувањето на украинскиот државен врв сведочи дека неговата вистинска, веројатно, и крајна цел е да ја избрише историската меморија и сите траги од првобитното православие во Украина за да се избришат кодот и историскиот идентитет што Црквата макотрпно ги градела и чувала со векови од времето на свети Владимир до денес, пишува патријархот на СПЦ.
Минатата година украинскиот претседател Володимир Зеленски му наложи на парламентот да подготви закон за забрана на верските организации поврзани со центрите на моќ во Русија.Во јануари украинската влада испрати предлог-закон до парламентот со кој може да се укине Украинската православна црква доколку властите заклучат дека има врски со Русија.