Договорот, кој не содржи безбедносни гаранции за Украина, а предвидува заеднички развој на минералните суровини, вклучувајќи нафта и гас, би можел да биде потпишан во четврток, на 28 февруари, пишува Фајненшл тајмс.
Соединетите Американски Држави и Украина постигнаа договор за украинските ретки минерали и наскоро ќе потпишат договор, пишува Фајненшл тајмс. Договорот би можел да биде потпишан во четврток, на 28 февруари. Украинските власти потврдија дека Киев сега е целосно подготвен да потпише договор за заеднички развој на минералните суровини, вклучувајќи нафта и гас. САД се откажаа од првичното барање за потенцијален приход од 500 милијарди долари од нивната експлоатација. Самиот договор не содржи безбедносни гаранции, но украинската страна смета дека постигнале подобри услови од претходните недели. Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека е важно двете земји тесно да соработуваат и дека САД мора да бидат еден од факторите за стабилност и гаранција за долготраен мир во Украина.
– Договорот за минерали е само дел од поголемата слика. Постојано слушнавме од американската администрација дека тоа е дел од поголем план – рече Олха Стефаншина, вицепремиер и министер за правда на Украина. Првиот круг од мировните преговори за Украина меѓу американската и руската делегација се одржаа неодамна во Ријад, Саудиска Арабија. Европа и Украина во моментов се исклучени, а американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела јавно го навреди Володимир Зеленски и побара во Украина да се одржат избори.