Хрватскиот пратеник и поранешен министер и вицепремиер, Јосип Дабро, попладнево беше уапсен од полицијата откако Парламентот на барање на Државното обвинителство му го укина имунитетот поради кривична постапка и евентуален притвор за кршење на правата на децата и недозволено оружје, јавуваат хрватските медиуми. Уапсениот 42-годишен политичар ќе биде изведен на понатамошна постапка во Општинското државно обвинителство во Осиек – соопштија од полициската управа на Вуковарско-Сремската Жупанија, без да го прецизираат неговиот идентитет.
По рочиштето, Општинското државно обвинителство треба да соопшти дали покренало истрага против Дабро и дали побарало мерка притвор поради ризик од влијание врз сведоци и уништување докази. Апсењето уследи откако парламентот утринава гласаше за одземање на имунитетот на Дабро, дозволувајќи му да биде кривично гонет и осуден на затворска казна со посебно гласање. Укинувањето на имунитетот беше изгласано едногласно со 107 гласа „за“, а определувањето на мерката притвор со 99 гласа „за“ и седум „против“.
Општинското државно обвинителство во Осиек наведува дека постои основано сомнение дека Дабро во областа Оток во периодот од 2020 до 2024 година дозволил дете да пука од пиштол и автоматска пушка, да фрли експлозивна направа налик на рачна бомба и да расклопи и исчисти автоматска пушка. Дабро претходно предизвика контроверзи кога се појави снимка од него, на која се гледа како полугол пука од автоматска пушка, како и друго видео, во кое пука од пиштол од автомобил во движење.