Врз основа на признание на вина, Основниот кривичен суд Скопје на Зоранчо Митровски му изрече условна казна затвор од две години, во раздвоената постапка за случајот „Империја“. Условната казна на Митровски му се изрекува доколку во следните пет години не стори друго кривично дело.
Зоранчо Митровски и „Еземит вино” ДООЕЛ солидарно треба да платат и штета од 92,25 милиони денари во корист на буџетот на РСМ, додека АД „Бетон Штип“ за пред најавената штета се упатува во граѓански спор.
Обвинетиот на претходното рочиште доброволно даде признание на вина за делата кои му се ставаат на товар за злоупотреба на службена положба и перење пари.
Судијката Васка Николовска Масевска, при изрекување на пресудата денеска рече дека Митровски е виновен затоа што во периодот 2012-2013 година со искористување на своите позиции во Одборот на директори на АД Бетон и за лична корист, заедно со останатите обвинети, нанеле штета од 256 милиони денари или 4 милиони евра на АД Бетон.
-Судот за кривично дело злоупотреба на службената положба му утврдува казна затвор од една година и три месеци, додека за делото перење пари казна затвор од една година и еден месец. Согласно законот за двете кривична дела Судот му одредува една единствена алтернативна мерка условна осуда казна затвор од две години затвор, ако во следните пет години не стори друго кривично дело, изјави судијката Николовска Масевска.Обвинителката Лиле Стефанова, во завршен збор на претходното рочиште рече дека самото признание на вина е исклучително олеснителна околност и дека со тоа значително придонел за економичноста на постапката, како и дека досега не е осудуван.
Отежнителните околности, како што посочи Стефанова, се начинот и мотивот на извршување на делото.
Бранителот на Зоранчо Митровски, во завршен збор рече дека по однос на казната како олеснителни околности треба да се ценат признанието на вина, дека обвинетиот изразил подготвеност да го намири отштетното побарување, дека е татко на две полнолетни деца, стопанственик со фирми кои вработуваат повеќе фамилии, како и дека со прогласување на виновен се постигнува целта на казнувањето.
Зоранчо Митровски, пред Судот тогаш рече дека се кае за стореното и дека казната ја чувствува многу силно, со оглед на тоа дека се повлекува од сите деловни активности.
Случајот „Империја” започна против тројца обвинети Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, со кои нанеле штета во вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра. Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт, првообвинетиот и Зоранчо Митровски, како и веќе едно осудено лице, во периодот од мај до август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал. Во случајот Империја во предистражна постапка беа опфатени повеќе лица. За дел во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување како и решенија за неповедување на кривична постапка.
Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.
Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камчев кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.
Неправосилната пресуда денеска ја изрече судечки совет во Основниот кривичен суд Скопје на чело со судијката Васка Николовска-Масевска. Покрај казната, со првостепената пресуда судот одлучи Зоранчо Митровски и „Еземит вино“ ДООЕЛ солидарно да платат и отштета од 92,25 милиони денари (околу 1,5 милиони евра) во корист на Буџетот на РСМ, додека фирмата АД „Бетон Штип“ за преднајавената штета се упатува парите да си ги бара во граѓански спор.
Митровски пресудата ја доби за две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
„Судот за кривично дело злоупотреба на службената положба му утврдува казна затвор од една година и три месеци, додека за делото перење пари, казна затвор од една година и еден месец. Согласно законот, за двете кривична дела судот му одредува една единствена алтернативна мерка условна осуда казна затвор од две години затвор, ако во следните пет години не стори друго кривично дело“,рече судијката Николовска-Масевска.
Изрекувањето на пресудата следува откако Митровски на првото рочиште одржано на 20 март годинава призна вина и постапката за него беше раздвоена.
Тогаш со него на обвинителна клупа седнаа и Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски. Панделевски не призна вина и пред судот рече дека не го разбира обвинението и не се чувствува виновен. Тасковски, пак, преку неговиот адвокат побара одложување за да направи увид во штетата, а адвокатот Мерџан Даути рече и дека неговиот клиент се двоуми да признае вина.