Полицијата уапси уште неколку лица поврзани со трговија со деца, откако во куќа во Брчко беа пронајдени 31 малолетник. Во моментов се утврдува нивниот идентитет, а некои од нив имале и хрватски пасоши. Уште пет лица се уапсени под сомнение дека учествувале во трговија со деца, откако во куќа во градот Ивици, во близина на Брчко во Босна и Херцеговина, било пронајдено 31 дете, сите помали од 12 години. Најмалото имало само неколку месеци, пишува Кликс. Претходно веќе беа уапсени три лица од Брчко, откако полицијата упаднала во куќата и пронашла деца кои наводно имале хрватски пасоши. Децата ги чувала жена, најверојатно италијанска државјанка. Меѓу уапсените се и еден судски полицаец и неговата мајка. Планот на криминалната група за децата кои ги чувале во куќата е предмет на истрага, а нивната грижа ја презел Центарот за социјална работа.
– Истрагата е во тек и во наредните часови и денови ќе се знаат повеќе детали – дали осомничените имале помагачи и како е развиена мрежата. Исто така, ќе се утврдува и идентитетот на децата – изјавил извор за српскиот портал Блиц. Во меѓувреме, беа откриени нови детали за случајот кој го потресе регионот. Според неофицијални информации, случајот бил откриен кога 12-годишно девојче, кое исто така живеело во куќата, излегло на улица во придружба на две други деца. Медиумите пишуваат дека девојчето со себе го имало пасошот, како и дека тоа било родено во Барселона, Шпанија.
– Тоа му пришло на првиот минувач на кој наишло и побара помош. Луѓето веднаш го известиле Центарот за социјална работа и полицијата бидејќи девојчето не сакало да се врати во куќата, по што бил откриен хоророт – изјавил добро информиран извор од истрагата. Тој додаде дека полицијата набрзо упаднала во куќата и ги пронашла децата – некои спиеле во креветчиња, а други седеле низ куќата. Дел од медиумите објавија и дека некои родители наводно доброволно ги дале своите деца да се чуваат во куќата во Брчко, а за оваа услуга наводно на уапсениот му давале пари.
– Меѓу пронајдените деца има уште повеќе девојчиња отколку момчиња – додава изворот на Блиц кој ги објави фотографиите.
Градоначалникот на Брчко откри како биле пронајдени децата
Градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ одржа прес-конференција откако 31 дете беа пронајдени заробени во куќа во градот. Тој за новинарите изјави дека куќата во која биле пронајдени 31 дете ја открил социјален работник кој додека работел на терен пронашол девојче (12) кое побегнало од таму. Тој додаде дека постоењето на куќа во која се скриени 31 дете е само по себе крајно ужасно, особено ако се потврдат сомнежите за мотивот што го истражуваат обвинителството и локалната полиција, пренесува Блиц. Милиќ на прес-конференција рече дека за пронаоѓањето на децата синоќа дознал од работници од социјалната служба, по што за тоа го известил и обвинителството.
– Во истрагата веднаш се вклучија и полицијата и обвинителството и децата веднаш се префрлени на друга локација, каде им е укажана лекарска помош. Понатамошната истрага ќе ја открие вистинската позадина и мотивот на овој случај – истакна тој. Милиќ истакна дека полицијата многу сериозно ја сфаќа истрагата и дека информацијата ја објавува во јавноста само откако ќе биде проверена, а со тоа ги штити правата на децата.
– Она што загрижува е прашањето колку време ова се случува на нашите простори без никој да внимава на тоа – рече градоначалникот.
Реагираше и хрватскиот премиер Плековиќ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го коментираше откривањето на голем број деца во округот Брчко, за кои се верува дека се жртви на трговија со луѓе, истакнувајќи дека се консултирал со министерот за полиција Давор Божиновиќ, но дека во овој момент ги немаат сите информации за овој случај. Медиумите во БиХ претходно денеска објавија дека во населба Брчко биле пронајдени 31 дете помлади од 12 години и дека кај нив биле пронајдени хрватски документи. Неофицијално, медиумите во БиХ објавија дека меѓу пронајдените деца имало и помлади од една година.
– Во овој момент не знаеме сѐ, но информациите ги проверуваме преку нашата амбасада и офицерот за врски на МУП. Од околу 30 деца, само шест од нив наводно имаат хрватски документи. Во моментов се обидуваме да утврдиме дали овие документи се автентични. Во овој момент нема потврда дека нашите официјални податоци ги содржат податоците што ги има во тие пасоши – изјави Пленковиќ на новинарите во Загреб, пренесуваат медиумите. Тој вели дека треба да видиме што се случува и дека најостро го осудува секој обид за трговија со деца.
– Рано е да коментирам подетално во овој момент – рече Пленковиќ.