Во рамки на активностите поврзани со унапредување на образованието и општествената одговорност, претседателка на Општинскиот комитет на Петровец и директорка на ООУ „Кочо Рацин“ – Петровец, Виолета Јаневска, во вчерашното гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува – УЖ“ говореше за значењето на образованието како клучен инструмент во развојот на свеста за еднаквост помеѓу мажите и жените. Жените, вели таа, се подеднакво важни и можат да вршат одговорни и раководни функции.
Таа подвлече дека е неопходно свеста за еднаквост да се гради од најрана возраст, преку наставни содржини, воспитни активности и примерот кој го дава наставниот кадар. Според неа учебниците мора да ги одразуваат реалните вредности на рамноправност, со цел идните генерации да растат во општество на заемна почит и соработка.
Јаневска се осврна на 80-годишниот јубилеј на училиштето ООУ „Кочо Рацин“ и истакна дека се гордее со бројните успеси на учениците и наставниците, со силен акцент на традицијата, знаењето и заедништвото. Таа посочи дека прославата била вистинска потврда за 80-годишна традиција, вредности и успех во образованието.„Нашето училиште одбележува 80 години постоење каде што бележи бројни успеси од страна на учениците, многу награди, признанија. Како за наставниот кадар секако и за учениците каде што се постигнати многу значајни успеси“, истакна Јаневска.
На крајот Јаневска објасни какво општество сакаме да видиме во поглед на еднаквоста помеѓу мажите и жените. Таа нагласи дека визијата за иднината е општество во кое жените и мажите се рамноправни во одговорноста и во можностите со цел градење стабилна иднина.