Ако сакате да вметнете нешто здраво во исхраната за добар имунитет и против прерано стареење – јадете јапонско јаболко. Јапонските јаболка се традиционално овошје во Јапонија, иако всушност потекнуваат од Кина. Ова овошје станува особено популарно во последниве години и кај нас во Македонија. Најмногу го има во гевгелискиот и валандовскиот регион. Наликува на домат со портокалова боја, но кога ќе го пресечете, ќе утврдите дека тоа всушност е сочно овошје кое содржи бројни лековити својства како витамин Ц, а исто така содржи и многу малку калории. Има уникатен благ вкус, пред сѐ поради присуството на танин. Изобилува со огромни количини на витамин А и бетакаротени кои ја диктираат и неговата портокалова боја.
Ова овошје исто така изобилува и со минерали, меѓу кои и селен. Токму поради антиоксидансните својства на овој минерал, по катастрофата во Чернобил, од Валандово биле извезени големи количини на јапонски јаболка токму за овој регион. Освен селен, застапени се и бакарот и калиумот.
Јапонското јаболко се препорачува да се јаде свежо, откако ќе омекне. Јаболкото лесно се лупи и се јаде срцевината. Ова овошје може да се користи и за слатко или пита. Во Јапонија го користат како додаток на оризот.