Сите што имаат инвестирано во корпоративната обврзница од втората емисија на ТТК банка, набргу ќе се опарат, бидејќи банката ќе им ја исплати годишната камата, со стапка од 2,7 отсто годишно.
Исплатата ќе биде извршена, што се разбира дека е чиста случајност, на денот на љубовта, или Валентин, односно 14 февруари.
За ова банката извести преку ценовно чувствителна информација на Берзата.
„Ве известуваме дека ТТК Банка АД Скопје ќе изврши исплата на годишната камата по каматна стапка од 2,7 отсто на годишно ниво на имателите на Корпоративна обврзница – втора емисија на обврзници со ИСИН MKTTKS200020 и шифра TTKO2.Исплатата на камата ќе се изврши на 14.02.2023 година“, се вели во објавата од ТТК Банка.
Право на исплата на камата имаат лицата кои се регистрирани во книгата на иматели на Корпоративна обврзница – втора емисија на издавачот ТТК Банка во Централниот депозитар за хартии од вредност заклучно со 13.02.2023 година.
„Тргувањето со обврзниците во деновите 10 и 13 февруари 2023 година ќе се реализира со пресметана акумулирана камата за 362 и 365 денови соодветно, при што Купувачот при порамнувањето на 14 и 15 февруари 2023 година ќе треба да го уплати износот на чистата цена + акумулираната камата на Продавачот. При ова, Купувачите ќе бидат регистрирани во книгата на иматели на Корпоративната обврзница – втора емисија на обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност на 14 и 15 февруари 2023 година, соодветно, и нема да остварат право на исплата на годишната камата“, се вели во објавата од ТТК банка.