14 наши сограѓани си имаат авиони: Со приватен лет на кафе во Дубровник, Охрид, Тиват….
Аеромитинг во Стенковец/Фото: Слободен печат/Методи Здравев Кога сега би се купувал спортски авион на старо, тој чии од 150.000 до 200.000 евра. За да се изнајми авион за излет до Охрид треба да се издвојат 500 евра, а за Дубровник околу 1.500 евра
Повеќе наши сограѓани со сопствените авиони и едрилици беа дел од аеромитингот што деновиве се одржа по повод 100 години македонска авијација. Според Регистарот што го води Агенцијата за цивилно воздухопловство, македонските граѓани поседуваа 14 авиони, при што 3 се од типот „цесна“ и уште еден спортски авио од друга марка,10 се таканаречени ултралесни воздухоплови, а имаат и 4 едрилици.
Јане Стефанов од Аероклубот „Скопје“ објаснува дека и со авионите „цесна“ и со ултралесните авиончиња може да се патува на големи дестинации, со тоа што во зависност од типот на авионите некои може да поминат поголема километража, а некои помала, па ќе треба да застанат за да наполнат гориво.
– Како што кажува и самото име, ултралесните авиони се лесни и помали. Според нашата регулатива тие може да бидат до 450 килограми и овој тип авиони секогаш се двоседи, за разлика од спортските авиони, кои може да имаат повеќе седишта. Генерално, авијацијата до 2 тони е спортска и тука се вбројуваат и „цесните“. Но, како и со спортските авиони, така и со суперлесните авиони, нивните сопственици си патуваат насекаде низ Европа – вели Стефанов.
Аеромитинг во Стенковец/Фото: Слободен печат/Методи Здравев
Стефанов вели дека со ултралесните авиони во просек се патува 150 километри на час, но дека патот не е секогаш праволиниски. Се следат дадени насоки, а на пример до Охрид, треба да се заобиколи и Солунска Глава, па треба да се патува барем еден час.
– До Дубровник може да се стигне за два и пол часа, до Тиват за два часа, до Подгорица за еден и пол час. Секако, не е во прашање само брзината, туку и убавината на патувањето – вели Стефанов.
Во разговор со сопствениците на авионите кои беа на аеромитингот, откриваме дека тие знаат да отидат и на еднодневно капење во Црна Гора, или пак, за да испијат кафе во Дубровник.
Стефанов раскажува дека има луѓе што немаат свој авион, но го изнајмуваат. Во тој случај патувањето до Охрид би ги чинело 500 евра, а на пример до Дубровник околу 1.500 евра. Нешто поевтино, но слично, би ги чинело и ако имаат и свој авион, затоа што треба да се земат предвид сите трошоци околу нивно чување и одржување.
– Кога ќе се каже дека некој има авион, обично постои фама дека станува збор за премногу голема сума. Сега цената на авионите се движи од 150.000 до 200.000 евра, а некои толку пари даваат и за возила. За екстра лесен авион може да се издвојат од 35.000 до 150.000 евра. Секако сето тоа зависи од моделот и колку е зачуван – вели Стефанов.
Како што може да се види од Регистарот на воздухоплови, авионите се купувани во периодот од 1996 до 2018 на старо. Така, најстариот произведен авион во сопственост на граѓанин е произведен во 1965 година, но како што тврди Стефанов, во авијацијата не постои стар авион. Важно е како се одржува и дали се почитуваат правила за редовните сервиси.
Четирите едрилици што се во сопственост на наши сограѓани се за спортување. Со нив може да се полета, да се „прошета“, да се бркаат облаците и воздушните струи…Што се донесува до правни лица, пак, тие поседуваат 23 авиони, 4 ултралесни авиони и 4 едрилици. Меѓу нив е и „авиончето“ на Владата, а другите се главно на авиоклубови, кои прават и обуки за пилоти, додека испитот се полага пред комисија од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба.