АЈДЕ КОВАЧЕВСКИ ОВА НЕКА БИДЕ ТВОЈА ПРВА ЗАДАЧА – За труењето со арсенот во Кумановско институциите „перат“ раце и си ја префрлаат одговорноста

Илјадници граѓани од општините Липково и Куманово се трујат со арсен и други опасни материи расфрлани на две локации во Табановце и Лојане, а надлежните институции си ја префрлаат одговорноста за преземање на активности, со коишто барем ќе се заштитат најмладите и неинформираните за опасноста што го демне секој што ќе дојде во допир со расфрланиот арсен.

Поаѓајќи од она што го забележавме на терен како најургентно за решавање за да се намали опасноста по животот на граѓаните, Мета.мк и Порталб.мк испратија прашања до општините Липково и Куманово, како и до Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за образование и наука во однос на расфрланиот арсен.

Ги прашавме институциите дали е возможно да постават барем табли за информирање на граѓаните за опасноста по човековото здравје од арсенот, како и за оградување на депонијата со арсен во Табановце и јаловиштето во кругот на рудникот „Лојане“. На околу 100 метри воздушна линија од рудникот, настава со физичко присуство следат учениците од основното училиште „Рилиндја“, коишто се секојдневно изложени на опасноста да вдишат арсен.

На последново прашање, од Министерството за образование и наука не добивме одговор во однос на можноста за дислокација на учениците во други објекти во селата Ваксинце, Лојане или Табановце, кои се наоѓаат подалеку од опасната локација до рудникот.

Одговори добивме единствено од општина Липково, од каде велат дека објектот што се наоѓа до самиот рудник е централната зграда, во која настава следат учениците од шесто до деветто одделение од селата Лојане и Ваксинце.

Учениците од прво до петто одделение учат во објектите на училиштето лоцирани во селата Лојане и Ваксинце, а во моментов немало можности да се префрлат сите ученици на овие две локации, бидејќи бројот на основци што ја следат наставата е голем.

На прашањето дали дел од учениците можат да се префрлат со следење настава во ОУ „Фаик Коница“ во селото Слупчане или во ОУ „Браќа Рибар“ во соседното Табановце, од општина Липково велат дека овие предлози не може да се реализираат. Училиштето во Табановце е под надлежност на општина Куманово, додека во објектот во Слупчане и во моментов има преголем број ученици што следат настава од ова село и од соседното Оризаре.

Од општина Липково велат дека најдобар начин за решавање на опасноста од труење на учениците е да тргне целосно арсенот и другите метали од постојното јаловиште во кругот на рудникот „Лојане“. Локалните власти додаваат дека во централното училиште пред неколку години се направени инвестиции во објектот за подобрување на условите за настава.

Идентични прашања поставивме и до општина Куманово, која под своја територија го има соседното село на Лојане – Табановце. По две недели контакт преку електронска пошта и телефон, општинските власти од Куманово ни рекоа дека немаат надлежност за арсенот складиран на депонијата во селото Табановце, а не добивме одговор ниту за можноста дел од учениците што учат до рудникот во Лојане да се префрлат на настава во ОУ „Браќа Рибар“ во соседното Табановце.

Кумановските локални власти во телефонски разговор тврдат дека немаат надлежности за оградување на локацијата натрупана со арсен до железничката станица во Табановце, ниту пак можат да постават табли за информирање на граѓаните за опасноста што демне од складираните тешки метали на локација.

За потсетување, депонијата со стотици тони арсен и други тешки метали се наоѓаат до железничката станица Табановце, кампот за бегалци, како и првите куќи од селото. За разлика од жителите кои знаат за опасноста, на локацијата минуваат и лица кои воопшто не знаат за можноста да бидат отруени од складираниот арсен.

Во иднина, во непосредна близина на локацијата треба да се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија, на кој треба да се сместат пограничната полиција, царината, фитосанитарните служби и железничките работници од двете земји, заедно со патниците кои ќе патуваат со меѓународните возови. На сите нив, првото „добредојде“ со Македонија ќе им биде расфрланиот арсен.

За разлика од општина Куманово, од општина Липково сепак постои волја за поставување на информативни табли и ограда околу јаловиштето во кругот на рудникот „Лојане“.

„Претходно имавме поставено табли за да ги информираме граѓаните, но за жал тие биле отстранети и не се веќе таму. Но, како и да е треба повторно да размислиме за поставување табли и ограда“, велат од општина Липково.

Локалните власти од Липково повторија дека веќе реализирале еден проект за покривање на слоевите со арсен и други метали во непосредна близина на самото училиште, по што биле засадени дрвја. Тие се отворени за соработка со државните институции, еколошки здруженија, концесионерот или било кој друг што би можел да помогне во надминување на опасноста.

Во однос на поставувањето на ограда околу двете локации и информативни табли за опасностите, и од Министерството за животна средина и просторно планирање ни рекоа дека тие немаат ингеренции за тоа.

„Сите услови, се пропишани во Договорот за концесија (вклучувајќи го поставувањето на информатични табли и огради околу локацијата каде се издава концесијата), согласно Уредбата за содржината на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство и договорот за концесија на добра од општ интерес“, велат од ова Министерство, упатувајќи за повеќе податоци до Министерството за економија.

Да потсетиме, покрај тоа што арсенот е опасен за вдишување при престој на локациите каде што е складиран, тој веќе четири децении наназад слободно се распространува преку ветерот во почвите и целокупната вегетација околу Лојане, Табановце и Ваксинце. Мештаните садат земјоделски култури, одгледуваат домашни животни и произведуваат храна, која што на крајот завршува по пазарите. Истовремено, арсенот и другите тешки метали продираат и до водите за пиење со кои се снабдува населението, а во репортажата на Мета.мк и Порталб.мк од теренот самите жители на Лојане ни раскажаа дека имало труења од пиење на ваквата вода и ни се пожалија за опасните болести од кои се разболува месното население.

Доколку пратениците во Собранието на РСМ се заинтересираат за усвојување на измените на Законот за животна средина, тогаш ќе може да се овозможи формална идентификација на контаминираните подрачја во земјава, меѓу кои се и локациите во Лојане и Табановце. Притоа, со законските измени би се уредило управувањето со контаминирано подрачје, по што Владата ќе може да прогласи одредено подрачје за контаминирано и да усвои План за управување со контаминирано подрачје, како би можело да отпочне и ремедијацијата на теренот.

Link with us
Game bài đổi thưởng