АКО БЕГ НЕ МОЖЕ ДА ОБЕЗБЕДИ ПАРНО ЗА СКОПЈАНИ, ВЛАДАТА ВРЕМЕНО ЌЕ ГО ПРЕЗЕМЕ РАБОТЕЊЕТО НА КОМПАНИЈАТА, НАЈАВИ МАНДАТАРОТ КОВАЧЕВСКИ

Ковачевски за проблемот со парното греење ја обвини и неажурноста на градските власти. (Фото: Ѓ. Личовски)

Министерството за финансии обезбеди поволен кредит од 8 милиони евра со кои БЕГ може да набави гас за парно греење за скопјани, вели мандатарот Димитар Ковачевски и додава дека за кредитот БЕГ треба да понуди гаранција според пазарни банкарски услуги. Ако тоа не се случи, Ковачевски кажа дека се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите кои имаат лиценци за обезбедување топлинска енергија.

„Министерството за финансии обезбеди финансиски средства за БЕГ со кои може да набави гас. Средствата се од развојната банка на Северна Македонија во форма на поволен кредит од 8 милиони евра. Тие се понудени на компанијата, меѓутоа за кредитот БЕГ како приватна компанија треба да понуди гаранција според пазарни банкарски услуги. Доколку тоа не се случи, тогаш се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје којшто се задолжени согласно со своите лиценци да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на градот Скопје“, вели мандатарот.

Ковачевски за проблемот со парното греење ја обвини и неажурноста на градските власти.

„Владата нема да дозволи жителите на Скопје да останат без парно греење зимава. Целата инфраструктура и услугата за затоплување со парно греење е во надлежност на градот Скопје и тој требал да предвиди мерки кои што очигледно не се предвидени“, вели Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека БЕГ може да остане и без лиценца ако не испорача топлинска енергија за скопјани.

Претседателот на Регулаторна комисија Марко Бислимоски, пак, ги повика Град Скопје и скопските општини да помогнат на потрошувачите за да не падне трошокот на грбот на граѓаните.

„Трошокот за набавка на природен гас во јануари 2022 година во однос на јануари 2021 година е зголемен за девет милиони евра. Сметавме дека цел овој трошок не треба да падне на грбот на граѓаните и повикавме на солидарност за помош на потрошувачите од Град Скопје и општините“, изјави Бислимоски во емисијата „24 анализа” на ТВ24.