Алсат објави и дека таа како член на Надзорниот одбор задоцнила со анкетниот лист и платила и парична казна по налог на ДКСК
На листата на институции од кои водителката Бесмира Ејупи добивала хонорари се додава уште една. Покрај тоа што истовремено добила 12 илјади евра од четири општини и Државното правобранителство, Ејупи од 11 мај 2021 година до 16 август 2022 од Владата била поставена и во Надзорниот одбор на Јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“, објави Алсат ТВ.
Телевизијата објави и дека таа како член на Надзорниот одбор на ова ЈП со задоцнување го доставила анкетниот лист до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и за тоа платила и паришна казна, пошто доставила комплетен анкетен лист.
Името на Бесмира Ејупи одекна во јавноста кога беше објавено дека 28-годишната телевизиска презентерка ќе биде конзулка во Њујорк. Деновиве, пак, таа е актуелна во јавноста по тоа што ВМРО-ДПМНЕ објави дека сега е вработена во Министерството за надворешни работи (МНР). Премиерот Димитар Ковачевски вчера ги упати новинарите да се обратат до МНР, а од таму три дена ниту ги демантираат ниту потврдуваат ваквите информации.
Во меѓувреме во јавноста испливаа информации дека Ејупи земала хонорари од Државното правобранителство и од четири општини: Чаир, Сарај, Брвеница и Петровец. За ова ДКСК поднесе иницијатива до Јавното обвинителство да се поведат постапки до одговорните лица во овие општини.