Арсовска: Да ја подигнеме свеста за важноста на згрижувачките семејства кои обезбедуваат топол дом за децата без родители

Националната кампања „Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“ која има за цел да поттикне што поголем број граѓани да станат згрижувачи на деца без родителска грижа стартуваше денеска, со настан што се одржа на плоштадот „Македонија“. На големиот број присутни згрижувачки семејства и на нивните деца поддршка даде и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

– На овој ден, кога ги одбележуваме Меѓународниот ден на децата и Меѓународниот ден на згрижувачките семејства, 1 Јуни, имаме заедничка, крајно хумана цел. Да се заблагодариме на сите семејства кои се веќе вклучени во системот на згрижувачки семејства и кои покажуваат најголема човечка доблест својата љубов и внимание да им ја подарат на нашите најмали и да им помогнат да зачекорат во животот со безрезервна поддршка за сите предизвици што ќе ги очекуваат. Хуманата мисија на овие луѓе е непроценлива за оние на кои им е најпотребна нашата помош, но и за целото наше општество кое тежнее да биде похумано – истакна денеска градоначалничката Арсовска во своето обраќање пред присутните.

Таа додаде дека Градот Скопје се вклучи во проектот „Унапредување на системските недостатоци – поддршка на реформите во системот за заштита на децата“ што го реализира СОС Детското село.

– Заедно работиме за да ја подигнеме јавната свест за важноста на згрижувачките семејства. Во Градот Скопје имате партнер и поддршка за сите ваши активности, зашто грижата и поддршката за ранливите групи граѓани е приоритет во нашето работење, а особено сме посветени на грижата за децата без родители и за лицата со посебни потреби. Затоа, ја користам оваа можност уште еднаш да повикам што поголем број семејства да се вклучат во системот на згрижувачки семејства и да пружат топол дом, безбедност и љубов на некое дете. Не постои поголема и похумана мисија во животот од таа да подадеме рака и да промениме нечиј живот – нагласи Арсовска.

Со кампањата „Подај рака, промени живот – стани згрижувач“ се очекува да се зголеми свесноста за згрижување деца без родителска грижа и да се зголеми бројот на потенцијални згрижувачи, а во исто време да се креира достапна мрежа на згрижувачки/роднински семејства низ целата територија на државата.