АРСОВСКИ: До јуни политичките елити и критичката јавност во Македонија и Бугарија треба да се подготват за компромис, кој секако од некои групи од двете страни на границата, уредно ќе биде прогласен за предавство

Како да постои консензус дека јуни е краен рок за постигнување решение и изгледа како двете влади (Скопје и Софија) да се во трка тој рок да го запазат.

Колку повеќе размислувам, тоа повеќе ситуацијата во регионов ми заличува на доцните 90-ти. Пак „фиќо“ е модерно. Пак нас нешто не нè признаваат. Пак „Србија до Токија“. Пак Косово е проблем. Пак Босна ќе се распаѓа. Пак Русија ќе го враќала железниот ѕид. Пак Црна Гора дестабилизирана. Пак турканици пред бензинска пред полноќ да се наполни „на поевтино“. Пак струјата луксуз. Се прашувам, дали е возможно да свртевме цел круг и повторно да се враќаме на почеток?

Како што вели еден мој пријател: тогаш, дојдоа САД, го направија Дејтон, интервенираа во Србија, го направија Охридскиот рамковен договор, ни подарија мир и ни оставија аманет: сега нема кризи, оставаме со ЕУ да овозможите напредок и да ја завршите работата. И еве нè, 20 години подоцна, со ЕУ не направивме ништо, мирот пак не е сигурен и повторно владее впечатокот дека само САД можат да го средат регионот.

Ризик од дестабилизација

Ова не е само носталгична мантра – реално геополитиката во Европа повторно наликува на нова остра оска на поделба, во која Балканот е јазичето на тасот. Да не заборавиме, веќе не зборуваме само за локални дестабилизации, туку за нова меридијанска линија на жаришта и проблеми: Украина, Полска, Унгарија, Бугарија, па сѐ до Турција, веќе има една цела зона на држави што носат ризик геополитички да го дестабилизираат целиот регион, па и Европа. Ова, притоа, се случува во време кога Балканот е повторно нестабилен: Босна зборува за расцепување, идејата за размена на територии во Косово е сè уште на маса, Црна Гора не може да се оттргне од внатрешните поделби, а Северна Македонија и Албанија никако да го пречекорат прагот кон ЕУ.

Се разбира, во центарот на оваа нова криза е импотентноста на ЕУ, која никако не успева да направи критичен пробив на Балканот (но и кај самата себеси) и да овозможи стабилизација и деескалација на отворените прашања. Дилемите околу проширувањето и иднината на Унијата, заедно со начинот на одлучување, кој овозможува унилатерални блокади на индивидуални земји членки, дури и кога тоа е во очигледна спротивност со стратешките интереси на целата унија, во меѓувреме од ЕУ направија безмалку само дебатен клуб, што ние на сопствената кожа и тоа како го чувствуваме.

Јуни краен рок за решение со Бугарија?

Затоа е многу важно дали овој нов импулс во односите со Бугарија ќе вроди со некаков плод набрзо. Прашањето на почеток на преговори со ЕУ, за Северна Македонија и за Албанија, кое од останатите прашања во регионот, требаше да биде наједноставното, се покажа како сериозен камен на сопнување и останува клучна препрека за напредок на целиот Балкан. Иако новата атмосфера и новата влада во Бугарија демонстрираат еден различен и поотворен пристап во преговорите, сепак времето е кусо, има доста нерешени прашања, а ретроградните сили ќе се зголемуваат како ќе се наближува можност за решение.

Во оваа смисла, како да постои консензус дека јуни е краен рок за постигнување решение и изгледа како двете влади (Скопје и Софија) да се во трка тој рок да го запазат. Формирањето на повеќе комисии е добар потег, како и интензивирањето на динамиката на средби. Тоа ќе го задржи позитивниот импулс, а комисиите ќе помогнат спорот да се „разводни“ и да се покаже дека со Бугарија имаме и многу други полиња на кои можеме да соработуваме, односно дека нема нашите односи да се сведат само на отворениот спор. Сепак, и покрај добрата волја на Петков и Ковачевски, политичките прашања ќе останат, и кај нив сè уште имаме различни, би рекол дијаметрални ставови. Оттаму, само добра волја и чести средби нема да бидат доволни, туку политичките елити и критичката јавност во двете земји треба да се подготват за компромис, кој секако од некои групи од двете страни на границата, уредно ќе биде прогласен за предавство.

Тука не треба да очекуваме дека меѓународната заедница ќе биде премногу сериозен арбитар за содржината на решението, дури и ако е неправедно за едната страна. Ним им е, се разбира, од нивната птичја перспектива, важно само процесот да се откочи, а не како, и на чија штета. Конечно, тие и не може да бидат повеќе заинтересирани за квалитетот на решението од нас самите. Надежите дека „странците“ ќе притиснат и ќе „ја решат“ работата, како и во случајот со Преспанскиот договор, најверојатно ќе се покажат само како добронамерни илузии. Сепак, деталите, црвените линии, квалитетот на компромисот, па на крајот, и потребата од пробив, остануваат само наша обврска, што е секако лоша вест.

Токму поради тоа, не можам да избегам од впечатокот дека јуни е навистина нашата последна шанса на среден рок. Мислам дека она што ќе го постигнеме до јуни, во смисла на квалитет на решение, ќе биде „зацементирано“ во тој период. Тогаш, или ќе бидеме принудени да го прифатиме оној договор што ќе биде на маса во моментот, или алтернативата ќе биде другите да продолжат без нас, а ние да „тлееме“ во овој спор со години.

Преземено од Дојче Веле