-Денеска во Арачиново е пуштен водоводот. Всушност и претходно Арачиново имаше водовод, но поради нелегални приклучувања, изгореа пумпите и сега актуелниот градоначалник Ридван Ибрахими повторно успеа да ја врати водата во чешмите на граѓаните со помош на Турција. Тој апелира до граѓаните да не ја злоупотребуваат водата за да нема прекин повторно-вели репортерот на ТВ21, Артан Нуихиу.
-Последниот период каде што последниве 4 години ниту една капка вода не се слеваше во нашите куќи, тоа беше многу голем и финансиски недостижен проблем за нашата општина, но благодарение на добрината и искреноста на градоначалникот Денис Кикен, општина Ејупсултан во Истанбул, од првата посета што ја имав кај него, ми даде ветување дека ќе си земе како обврска да го среди ова што поскоро, и денес сме сведоци на тој ден-вели Ридван Ибрахими.
Но, зошто беше потребно да се чека помош од Турција, наместо проблемот со водата во Арачиново да го реши владата на земјата? За ова го прашавме првиот вицепремиер Артан Груби.
-Многу интересно прашање да ви кажам право. Како што можете да видите, нашите општини секојдневно соработуваат со други општини, не само со општините туку и со државата затоа што имаме донации од САД, Франција, Германија, од секоја земја на ЕУ, а има и донации од Република Турција за нашите општини и институции и тоа се билатерални соработки што ги прават државата или општините, а меѓусебно си помагаат во проекти кои се во интерес на граѓаните-рече Груби.
Првиот вицепремиер, градоначалникот на општината и претставници на делегацијата од Турција ги посетија и гробиштата на паднатите борци во Арачиново.