БРАВО – Истражување: Македонската влада поотворена од владите на Србија, Црна Гора и на БиХ

Според Индексот на отвореност на собранијата и централните власти, македонското Собрание е на трето место, со исполнетост од 68,15 проценти од поставените критериуми
Владата на Северна Македонија е прворангирана за 2021 година во регионот според Индексот на отвореност на собранијата и централните власти и исполнува 83,43 проценти од поставените критериуми за отвореност, додека македонското Собрание е на трето место со исполнетост од 68,15 проценти од поставените критериуми.

Истражувањето, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Националната фондација за демократија, го спроведе Фондацијата „Метаморфозис“, во соработка со партнерите од регионалната мрежа на граѓанската организација „Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“ (ACTION SEE).

Проценката се однесува на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Оваа година, во мониторирањето на парламентите, беа вклучени и Хрватска и Словенија и можеше да се согледа отвореноста на парламентите во поранешните југословенски држави.

Како што соопшти Фондацијата „Метаморфозис“, процената е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Регионалната перспектива служи како референца за тоа како напредуваат државите во регионот кон подобрување на доброто владеење и владеењето на правото што ги води кон нивната стратегиска цел – членство во ЕУ.

Според истражувањето, најотворена е Владата на Северна Македонија, која исполнува 83,43 проценти од поставените критериуми за отвореност, по која следи Советот на министри на БиХ со 74,9 проценти. На трето место е Владата на Црна Гора со 59,46 проценти, потоа Советот на ФБиХ со 58,42 проценти. Владата на Република Србија исполнува 47,67 проценти од критериумите, а Владата на автономната покраина Војводина 50,18 проценти. На последно место е Владата на Република Српска со 38,53 проценти исполнување на критериумите за отвореност.

Како прва земја во регионот што објави и имплементира Стратегија за транспарентност, Северна Македонија даде пример како институцијата треба систематски да пристапува и да ги насочува своите напори кон проактивна транспарентност и отвореност кон своите граѓани. Најдобри резултати постигнуваат министерствата во Северна Македонија со 62 проценти, потоа министерствата на Црна Гора со 57,9 проценти, министерствата во Србија со 48,7 проценти и министерствата во Босна и Херцеговина кои исполнуваат 30,6 проценти од критериумите за отвореност, стои во проценката.

Собранието на Република Северна Македонија, се наведува, исполнува 68,15 проценти од индикаторите за отвореност и е рангиранo на трето место во регионот (на прво место останува Собранието на Црна Гора со 77,89 проценти, по кое следи Собранието на Словенија со 72,31 процент исполнетост на индикаторите за отвореност). Како тело кое е директно избрано од граѓаните и одговара пред граѓаните, Собранието, се посочува, треба да вложи поголеми напори за обезбедување целосна транспарентност, односно отвореност.

СПОДЕЛИ