БУЧКОВСКИ: Имаме недоразбирање со Бугарија за терминот заедничка историја, тие мислат дека таа е бугарска а не и македонска

Поранешниот премиер Владо Бучковски, кој повеќе од една година е специјален претставник на македонската Влада за Бугарија, во разговор за Радио слободна Европа вели дека во Договорот за пријателство го има поимот заедничка историја, но не и тоа дека таа е бугарска, како што тврдат дел од бугарските политичари.

-Тоа не стои во договорот. Мислам дека ако правиме анализа што подразбира бугарската страна и што подразбираме ние под заедничка историја, тоа е и каменот на сопнување. Во овие изминати 12 месеци јас всушност се соочив во бројните формални и неформални контакти дека реално е дека еден од проблемите по потпишувањето на договорот во 2017 година е што почна различно од бугарска и од македонска страна да се толкува поимот заедничка историја. Второ, мислам дека нереални беа очекувањата од бугарска страна дека брзо и ефикасно ќе ја заврши својата работа оваа заедничка експертска комисија. Мислам дека ако на тоа се дополни од наша страна нашето стравување дека со инсистирањето акцентот во спроведувањето на договорот ќе биде работата на експертската комисија, доаѓаме до позицијата во која се соочивме во последните 12-13 месеци по блокадата од бугарска страна. Мислам дека треба нова методологија и затоа сум оптимист дека ова што го навестува бугарскиот премиер Петков ќе биде излезното решение како побрзо да ја вратиме меѓусебната доверба, да ја интензивираме соработката и како крајна цел да ставиме послободен простор за заедничката историско-образовна комисија без политички притисок да ја продолжи својата работа. Мислам дека на сите ни е јасно дека не може да заврши со работа во следните шест месеци како што даде време бугарскиот премиер Петков како рамка, што мислам од наша позиција гледано нè прави дополнително оптимисти дека можеме работите што треба да ги работат комисиите да ги завршиме и пред тој рок од шест месеци, вели Бучковски.

Бучковски смета дека доследното почитување на Договорот за пријателство и соработка е патот кој ќе доведе до заеднички прифатливо решение.

-Значи, во договорот се употребува терминот заедничка историја, не го измислувам јас. Заедничката историска комисија треба токму од таа заедничка историја, преку потенцирање на личности и настани кои нè поврзуваат, да го гради патот кон заедничката иднина. Всушност и тоа досега што го работеше комисијата и успешно што го заврши за три историски периоди, или неспорно за петте историски личности за кои досега имаат постигнато договор, еден е наративот кој што ќе се користи за чествување од македонска и бугарска страна, а друго е на кој начин ќе бидат хармонизирани учебниците во Македонија и во Бугарија преку текстовите што ќе ги усогласат овие наши и бугарски експерти. Знаете, јас не гледам тука поголеми дилеми. Ќе бидат посилни нашите позиции ако се држиме до договорот, вели Бучковски.

Прашан дали е оптимист за решавање на прашањето откако ги слушнал позициите на новата влада во Софија, дека ќе се прошират преговорите и на други теми, но дека нема отстапка од нивните црвени линии, Бучковски вели дека би почекал да се случи прва средба на новите премиери во двете земји.

-Јас во поглед на изјавите на новиот бугарски премиер Кирил Петков можам да кажам дека делуваат охрабрувачки, но би почекал до првата официјална средба на нашиот нов премиер Димитар Ковачевски и Петков. Најавена е таа посета по промовирањето на нашата нова влада. Се надевам дека можеме да очекуваме преку формирањето на работните групи и многу поинтензивно да се среќаваат и верувам дека тоа ќе биде патот кој ќе доведе до заедничко прифатливо решение, рече Бучковски.

Link with us
Game bài đổi thưởng