Бучковски за ДВ: Ќе влеземе во нова неизвесност ако сега не се договориме со Софија!

Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер, вели специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија

И натаму расте неизвесноста дали може да се најде решение за деблокада на бугарското вето до декемврискиот Совет на ЕУ кој ќе се одржи во средината на декември, бидејќи очекувањата на Скопје не се совпаѓаат со сите пораки што доаѓаат од Софија. Главната дилема е – дали има време за решение во толку краток период? Владо Бучковски, специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, кому пред една недела му беше продолжен мандатот на оваа функција, за ДВ вели дека разговорите не се прават од денес за утре, туку траат подолг период.

„Петте точки се тема на разговори повеќе од една година. И за време на службената влада во Бугарија продолжи комуникацијата на нашето и бугарското МНР, на министерско и експертско ниво. При посетата на Софија, во јуни годинава, нашата делегација предводена од премиерот Заев разговараше со претседателот Радев и со службениот премиер Јанев за петте точки. Во октомври во Брдо кај Крањ, премиерот Заев на два пати разговараше со претседателот Радев, вториот пат во присуство на канцеларката Меркел. Тогаш, во јавно дадена изјава, Радев потврди дека се бараат конкретни решенија за 5 плус една точка. Чекавме Бугарија конечно да добие политичка Влада. Сѐ поизвесно е дека идната недела ќе добие нова влада предводена од Кирил Петков. Евентуалните конкретни резултати од преговорите водени досега, треба да се верифицираат од новата влада во Бугарија, потоа да се одржи Меѓувладина седница со претседавање на двата министри за надворешни работи. Јас лично сум оптимист дека ќе има резултат, но за нас е побитно – кога? Ние очекуваме еден од приоритетите на новата влада во Бугарија да биде токму ‘македонското прашање’. Впрочем, извесниот иден премиер Петков, тоа го навести во интервју за Дарик Радио пред 4 дена“, потсетува Бучковски.

Сега или по шест месеци?

Во посоченото интервју Петков посочи дека „една од првите задачи на новиот министер за надворешни работи на Бугарија и на идниот бугарски премиер – е да се формираат работни групи меѓу Бугарија и Северна Македонија кои ќе опфатат различни области“.

Од друга страна, во интервју за „Шпигел“ пред два дена, тој изјави дека тие работни групи „треба да се остават да преговараат шест месеци“, за да не ги одредуваат работите само националистите.

„Ако се даде ‘зелено светло’ за пристапните преговори веднаш, без дискусија, тоа само ќе ги зајакне националистите во двата табора. Ние се потпираме на преговори, а не на пропаганда“, порача Петков.

Но, шест месеци сосема би ги изместиле сегашните очекувања на македонски власти, кои потенцираат дека треба да се искористи декемвриско-јануарскиот „прозорец на можности“.

„Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка Влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер. Тоа е исклучително важно за утврдување на временската рамка за изнаоѓање на компромисно решение и кревање на блокадата од страна на Бугарија. Да не заборавиме дека идниот претседавач со ЕУ, Франција има претседателски избори во април. Заради тоа, немаме многу време пред да почне нивната кампања. И завчера на Софискиот форум потенцирав дека прозорецот на можности е отворен сега“, потенцира Бучковски.

Bulgarien Politiker Kiril Petkov und Assen Vassilev Во очекување на формирање нова влада во Бугарија
Во моментов се шпекулира дека идниот министер за надворешни работи на Бугарија ќе дојде од редовите на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, која го оправдуваше бугарското вето. Сѐ уште е неизвесно дали Димитар Гардев од ИТН ќе биде нов шеф на бугарската дипломатија, но Бучковски смета дека тоа не прави разлика.

„Јас лично не стравувам од тоа кој ќе го води бугарското МНР во новата Влада. Тој мора да ги следи владините политики. Позициите на новата владина коалиција се јавно обелоденети за време на нивните транспарентни преговори. Дефинитивно ние очекуваме конструктивен пристап од бугарска страна и промена на методологијата на имплементирање на нашиот Договор за пријателство и соработка, со интензивна работа на заедничките работни групи за различни области – економија, инфраструктура, образование, култура, човекови права, но и засилена работа на заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања“, вели тој.

Тирана напред, Скопје стоп!

Иако кај македонските власти постои умерен оптимизам, последниот став на официјална Софија воопшто не влева надеж за деблокада на ветото. На редовниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ кој се одржа на 23-ти ноември, бугарскиот амбасадор во ЕУ, Румен Александров порача дека „односите на ЕУ со земјите од регионот не се исцрпуваат само и единствено со политиката на проширување“.

„Албанија треба да биде оценувана на база на нејзините сопствени заслуги и таа е подготвена за напредок на патот кон ЕУ. За жал, Република Северна Македонија сѐ уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција“, изјави Александров.

Соопштението за ваквите позиции на официјална Софија искажани преку нејзиниот постојан претставник во ЕУ, е објавено на страницата на бугарското МНР, и во него се наведени очекувањата на Бугарија.

„Во последните неколку месеци бугарската страна предложи редица варијанти за надминување на отворените прашања со Република Северна Македонија, со цел да се гарантираат правата на граѓаните со бугарска самосвест и за исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Нашите партнери во PCM треба да преземат конкретни обврзувачки ангажмани, од кои дел да бидат исполнети на краток рок, а останатите да се најдат во барањата на идната преговарачка рамка. Додека тоа не се случи, не може да се очекува постигнување напредок во процесот на проширување со Република Северна Македонија“, ја соопштил позицијата на Софија бугарскиот амбасадор во ЕУ, Румен Александров, на 23 -ти ноември во Брисел.

Тоа беше истиот ден кога 45 македонски државјани загинаа во автобуска несреќа во Бугарија, па на прес-конференцијата Заев-Јанев во Софија многу од прашањата за бугарско-македонскиот спор добија одговор дека „на денот на трагедијата не е соодветно да се разговара за тоа“. Очигледно, не и во Брисел.

Link with us
Game bài đổi thưởng