ЧИФЛИГАНЕЦ ПОДНЕЛ БАРАЊЕ ЗА ГРАДБА НА 42-МЕТАРСКА ЗГРАДА СПРОТИ СКОПСКИ САЕМ СПОРЕД СТАРИОТ ДУП, ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ МУ ДАДЕ ДОЗВОЛА ПО НОВИОТ ДУП КАДЕ ВИСИНАТА НА ЗГРАДАТА Е НАМАЛЕНА

Со новиот план се разбива зградата на Чифлиганец, со што се намалува и површината за градба. (Фото: СДК.МК)

Поднесено е барање за градба на 42-метарска зграда на паркингот спроти поранешен Скопски саем. Сопственикот на земјиштето и инвеститорот фирмата „Адора“ на бизнисменот Ванчо Чифлиганец, како што велат од Општина Центар, ја почнал постапката за изградба на големиот станбен и деловен објект кој треба да ги зафати целиот паркинг.

Барањето за градба е поднесено според проект од стариот Детален урбанистички план за Крњево 2. Зградата е висока 42 метри и долга 206 метри, оформена од еден објект кој фрла сенка на целата населба

„Барањето на инвеститорот е одбиено бидејќи не само што границите на планските опфати не се совпаѓаат, туку и источниот дел од важечкиот план навлегува во регулационата широчина на примарната мрежа на улици дефинирана со ГУП на Град Скопје 2012-2022. Тоа значи дека зградата која сака да ја гради Чифлиганец ја фаќа пешачката патека и треба да биде до самата улица“, велат од Општина Центар.

Општина Центар веќе го има изработено новиот план за овој дел од градот, помината е јавната анкета, но во моментов се наоѓа кај планерската куќа на корекција по забелешките од Град Скопје. Тоа значи дека додека се донесе, на сила е стариот план и по него инвеститорите можат да градат. Со планот се дозволува развој на куќите кои се наоѓаат во Крњево односно изградба на згради.

Според стариот план или важечкиот, во моментов откако е укинат мораториумот и додека се донесат измените, станбена развиена површина е за 4.460 жители, нето густина од 1.594 жители на хектар што е преголема густина. Со новиот план бројот на жители се намалува на 2.645, нето густина од 978 жители на хектар и добиени се јавни намени за граѓаните на државното земјиште. Во стариот план не е предвидена градинка, а во новиот се предвидува на површина од 312 метри квадратни, на две нивоа. Со стариот план има само еден локален парк од 483 метри квадратни или од површината на четвртта само 1.33% е јавно зеленило. Со новиот план се предвидуваат 4 локални паркови со вкупно 1871 метри квадратни и зелената површина е зголемена за 4 пати ил. 5% од четвртта е јавно зеленило.

„Направени се измени и за објектот на Чифлиганец, односно со стариот план се предвидува ѕид без прекин висок 42 метри и долг 206 метри кој беше оформен од еден објект и кој фрлаше сенка на целата населба. Со новиот се предвидува расчленет објект со 3 кули со висини 30, 45 и 42 метри и простор меѓу секоја од нив од 39 и 37 метри. Направени се измени и за останатите објекти. Направено е разбивање на уште објект со висина од 19 метри и должина од 151 метар, на два дела со простор меѓу нив. Со стариот план се дозволуваат објекти со голема длабочина, високи 19 метри кои се доближуваат на 5 или 7 метри меѓу себе со што е загрозена безбедноста и ќе има недостаток на светлина. Со новиот план нема станбени објекти кои со лицето се доближуваат на помалку од 12 метри, објектите се оддалечени и разбиени на блокови, со што просторот дише подобро, има повеќе светлина и е побезбеден“, велат од Секторот за урбанизам на Општина Центар.

Измени се направени во однос на сообраќајноот решение кое предвидувало само еден влез и излез и слеп сообраќаен крак од 203 метри. Со новиот план се предвидуваат два влеза и излеза и нема подолг слеп крак на улица од 100 метри.

ИЗВОР: СДК.МК

Link with us
Game bài đổi thưởng