Член на семејството на Скочивирчето сам ја променил надгробната плоча за која Бугарија врачи протестна нота, информираше МНР

Член на семејството на војводата Велко Скочивирчето, во договор со црковниот одбор на црквата „Архангел Михаил“ во прилепското село Клепач на своја иницијатива и ангажман ја извршил замената на надгробната плоча, при што самоволно одлучил да ја смени содржината и јазикот, информираше Министерството за надворешни работи откако пред неколку дена Бугарија ни врачи протестна нота и обвини дека замената на историските артефакти е акт на уништување на автентичното културно наследство и обид за менување на историјата.

Оттука од МНР апелираат на вакви приватни и лични акти да не се ставаат во политички и идеолошки контекст.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија упатува апел на ваквите лични и приватни акти да не им се ставаат политички и идеолошки насоки, кои, пак, потоа ги оптоваруваат напорите на двете држави за унапредување на меѓусебните односи, ја нарушуваат меѓусебната доверба и го отежнуваат напредокот на добрососедските односи. За процесот на изнаоѓање заедничко решение во насока на деблокирање на процесот на интеграцијата во Европската унија, двете страни искажуваат јасна волја и решителност за соработка, и ваквите лични и поединечни случаи не треба да ги загрозат овие напори“, велат од МНР.

Од Министерството велат дека во врска со менувањето на надгробната плоча на војводата Велко Скочивирчето и осум негови соборци од 1904 година, на која и бугарскиот јазик беше заменет со македонски, била спроведена истрага во кој учествувале Управата за заштита на културното наследство, МВР и јавното обвинителството. Покрај тоа што истрагата утврдила дека замената на плочата била направена од член на семејството на војводата Скочивирчето, констатирано е и дека надгробната плоча не потпаѓа на ниту еден статус на заштитено културно обележје или природна реткост, туку се работи за приватен гроб и надгробна плоча.