ЦРНИ ДЕНОВИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА: Ноќеска прегазен полицаец додека запирал залетано возило во Кисела Вода, уапсени две лица

Во текот на синоќешните полициски контроли на сообраќајот во Скопје, еден полицаец е прегазен од страна на возач во скопска Кисела Вода, кого се обидел да го сопре поради брзо возење, потврди МВР.

Повредениот полицаец на улицата „Првомајска“ бил пренесен во Клиничкиот центар, а возачот кој управувал со возилото и неговиот сопатникот биле фатени и уапсени.

„Полициски службеници ги лишиле од слобода А.Д.(19) и К.М.(21), двајцата од Скопје, затоа што околу 01.00 часот на бул.„Борис Трајковски“ со возило „цитроен берлинго“, кое го управувал А.Д., а сопатник бил К.М., удриле и повредиле полициски службеник кој извршувал службени дејствија во областа на сообраќајот (мерење со радар), по што побегнале од местото. По преземени мерки тие биле пронајдени и приведени во полициска станица. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок“, соопштија од МВР.

На територијата на град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 210 санкции, меѓу кои возење без возачка дозвола 11 лица, пречекорување на дозволената брзина на движење 81 прекршок, нерегистрирани и технички неисправни возила 7, 23 санкционирани мотоциклисти, 74 возила подигнати со пајак, а изречени се и 11 санкции за неносење на заштитна маска.