ДЕБАТА ВО ПРИЛЕП: Унапредувањето на средното стручно образование е процес, кој бара ангажман и инволвирање на сите општествени чинители

Илија Јованоски

Унапредувањето на средното стручно образование е процес, кој бара ангажман и инволвирање на сите општествени чинители, а пред се’ подразбира дебата, разговор и размена на мислења помеѓу бизнис зедницата, образовните работници и надлежните инстититуции.

Во таа насока, под мотото „Учи паметно, работи стручно“, денеска имавме дебата на која учествуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот на Крушево Томе Христоски, директори од средните технички училишта од Прилеп, претставници на стопанската комора и локални компании.

Еден од најважните предуслови за локалниот економски развој, за функционирањето на компаниите, за развој на индустријата и унапредување на бизнис климата во општината, е квалификуваниот стручен кадар. Убеден сум во тоа дека, само со квалификувана работна сила, може да има унапредување на постојните бизниси и нови инвестиции согласно голобалниот технолошки развој.
Поголемите компании, кои инвестираат, работат и делуваат во нашата општина, согласно нивното производство и технологиите кои ги користат и планираат да ги употребат, наметнаа потреба од специфичен стручен кадар којшто недостасува во нивните работни колективи.

Во контекст на тоа, како најдобар пример со кој може да се потврди взаемниот интерес помеѓу средното образование, младите и приватниот сектор, е проектот за дуално образование, кој веќе се имплементира во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ од Прилеп.

Веќе втора година откако е започнат проектот кој е во организација на Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија, а е поддржан од Министерството за образование, Центарот за средно стручно образование и обука и Бирото за развој на образованието, а се одвива во партнерство со локални компании, каде што учениците посетуваат практична обука која што е застапена во сооднос од 50 проценти од нивната настава.

Ова значи дека младите среднисти, односно учениците, покрај формалната теоретска настава во училиштето, се стекнуваат и со практична настава во рамки на нивниот образовен профил, во локални компании кои имаат потреба од токму таков кадар.

Имено, станува збор за двата нови образовни профили во СОУ „Ристе Ристески Ричко“. Првиот: техничари за индустриска мехатроника од електро – техничката струка, кои својата практична обука ја спроведуваат во компанијата ‘Гентерм’ и во компанијата ‘Витаминка’. Додека, пак, другиот образовен профил е техничар за производно машинство, а учениците запишани на овој профил, ја спроведуваат својата обука во компанијата ‘ВИК’.

Тоа е таа соработка помеѓу компаниите и училиштата, која треба да ја негуваме и да направиме се’ за да продолжи и да се продлабочи.
Оттука, сметам дека токму формирањето на образовните профили во средните училишта, треба да биде тесно поврзано со потребата за специфична работна сила на компаниите и согласно плановите за економски развој на општината.