Софија со нова порака: Имаме проблем и тој не е билатерален

Бугарија ја убедува ЕУ дека однесувањето на „една земја кандидат“ не е нејзин билатерален, туку проблем на ЕУ, бидејќи е спротивно на принципите врз кои е изградена и функционира Унијата

Бугарија се обидува проблемот со една земја-кандидат да го ослободи од префиксот „билатерален“ и да го претстави како проблем за темелните принципи и основи на Европската унија. Ова произлегува од ставовите на постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, амбасадорот Димитар Цанчев, искажани на вчерашниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ. Во неговите изјави пренесени од БГНЕС, ниту еднаш не се спомнува името на земјата-кандидат за која говори амбасадорот, а кои се дадени во контекст на дискусија за европската иднина на земјите од Западен Балкан.

„Сакам категорично да изјавам, дека Бугарија ја поддржува европската иднина на Западен Балкан. Оваа наша поддршка најде израз за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, кога европската перспектива на регионот беше клучен приоритет“, изјавил постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ на вчерашниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ.

„Таа поддршка се рефлектираше и во нашето одговорно однесување како стабилизирачки фактор во регионот за време на војните што го следеа распаѓањето на поранешна Југославија. Бугарија најмалку има потреба да биде убедувана зошто Западен Балкан еден ден треба да стане дел од ЕУ. За жал, ние сме исправени пред проблем. Тој не е билатерален, како што некои од вас очигледно сметаат. Тој се однесува на принципите врз кои е изградена и функционира нашата Унија”, рекол амбасадорот Цанчев.

Бугарскиот амбасадор во обраќањето на состанокот се обидел да ги убеди присутните дека има случај кој ЕУ не треба да го толерира.

Според него, за прв пат во историјата на проширувањето, ЕУ била исправена пред ситуација, кога земја-кандидат настојувала сама да ги определува условите под кои треба да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ.

„За прв пат имаме земја-кандидат која изјавува дека сака да стане членка на ЕУ, но без да се откаже од нејзината државотворна идеологија од времето на комунизмот. За прв пат имаме земја-кандидат која изјавува дека не смета оти е должна да ги исполнува договорите кои ги потпишала со држава-членка на ЕУ“, изјавил бугарскиот амбасадор.

Притоа истакнал дека таквото однесување не може да се толерира, бидејќи е отворен предизвик за темелите на ЕУ.

„Ако го дозволиме тоа, утре друга земја-кандидат може да биде во заблуда дека ќе и биде дозволено да се однесува на ист начин. Најдоброто што можат да сторат сите во оваа сала кои ја поддржуваат европската иднина на Западен Балкан, е да и објаснат на оваа земја-кандидат дека треба да се почитуваат темелните принципи на ЕУ и дека за неа нема да биде направен никаков исклучок во овој случај”, порачал бугарскиот амбасдор во ЕУ.

Македонската кауза

Дали новата тактика на Софија ќе се темели на овие тези? Тврдењата на Цанчев за „земја-кандидат која негува државотворна идеологија од времето на комунизмот, која сака сама да ги определи условите под кои треба да ги започне преговорите со ЕУ, што е спротивно на европските принципи“, постепено стануваат рефрен во јавниот дискурс. Во изјава за БНТ со исти тези се огласи и професорот Кирил Топалов, член на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

„Никој не може да ја принуди Бугарија да пушти една држава која не раскинала со тоталитарната комунистичка државотворна енергија и форма на управување, и која сама се мачи да ги изработи правилата по кои треба да биде во ЕУ“, изјави Топалов.

На надворешнополитички план тој смета дека Бугарите се ориентирани во две насоки – едните ја претпочитат европска ориентација на Бугарија, другите – руската, а единственото нешто што ги обединува – е македонската кауза, која обединувала над 86% од Бугарите.

„Над 86% од Бугарите се обединети околу идејата дека ние не можеме да се откажеме од нашите историски корени и нашиот историски идентитет. Таа идеја 80 години го обединува речиси целиот бугарски народ”, изјави Топалов.

Оттука, за залудни ги смета надеждите на политичарите во Република Северна Македонија дека македонската кауза ќе биде предадена во сегашната политичка ситуација. Според Топалов, Република Северна Македонија не ги исполнува нејзините обврски од договорот со соседна земја-членка на ЕУ.

„Сега мора да заборавиме дека тие се наши браќа, братучеди…Треба да гледаме на нив како на соседна земја, кон која се однесуваме со симпатија, со доверба, но и таа мора да ни возврати со истото“, порача членот на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

извор: ДВ

Link with us
Game bài đổi thưởng