Талат Џафери / Фото МИА
Не може да има целосна блокада на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ може да ги блокира само Комисиите што ги води, а Собранието ќе продолжи непречено да работи по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за РСЕ.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
-Јас мислам дека Собранието функционира и ќе функционира. Во секој случај по одлуката за блокирање тоа си е право на опозицијата, како инструмент да го искористи во Собранието, тоа е во доменот на дискусиите што се одвиваат и во работните тела и на Пленарната седница, вели тој.
За тоа дали уставните измени ќе влезат во собраниска процедура доколку нема обезбедено двотретинско мнозинство, кое е потребно за нивно донесување, Џафери вели дека обврските што се преземени, тоа се обврски не на мнозинството и не на Собранието, тоа се обврски што државата ги преземала на патот за отворање на претпристапните преговори и на патот за полноправно членство за НАТО.
– И ако направиме паралела од Преспанскиот договор и потребата од уставни измени за да станеме членка на НАТО, од кампањата против што тогаш се водеше со укажување дека последиците по државата и по граѓаните ќе бидат вакви и онакви и не знам какви, состојбата е поинаква во позитивна смисла од кога станавме членка на НАТО. И во тој контекст ако таа паралела пак ја влечеме, значи потребата за уставни измени не е заради потребата на мнозинството или не знам на кого, туку потреба на државата за да може да си го преземе и да го изоди патот, кој впрочем е определен пред три децении да се изоди со сите предизвици што ги има државата на тој пат, додава Џафери.