ДОНАЦИЈА ОД „КАМ” ЗА СОЦИЈАЛНО РАНЛИВИТЕ СЕМЕЈСТВА ОД ВЕЛЕС

Компанијата „КАМ” ДОО Скопје денес донираше осумдесет пакети со прехрамбени продукти и средства за лична хигиена, во вкупна вредност од 75.120, 00 денари со вклучен ДДВ наменети за социјално загрозените семејства од Општина Велес.

Станува збор за самоиницијативна, хуманитарна донација од „КАМ” ДОО Скопје во форма на материјални добра наменета за социјално ранливите семејства од Општина Велес, но и од општините ширум државата за време на пандемијата предизвикана од Корона вирусот.

Донацијата лично ја врачи регионалниот менаџер на компанијата г-дин Владимир Трајковски, кој по примопредавањето на донацијата оствари работна средба со градоначалникот Коцевски.

Во името на жителите и Советот на Општина Велес, Градоначалникот Коцевски изрази голема благодарност и надеж дека овој пример, кој ја потврдува компанијата „КАМ” како општествено одговорна компанија, ќе го следат и други фирми од градот и државата.

Во соработка со Општинската организација на Црвен крст од Велес, донацијата ќе биде поделена на осумдесет семејства во ризик од Општина Велес.

Компанијата „КАМ” ДОО Скопје е основана во 1999 година, вработува повеќе од 900 вработени, во повеќе од 70 КАМ маркети, лоцирани во 20 градови. Компанијата е прв синџир македонски маркети од типот хард-дисконти, која во своето 19-годишно постоење претставува еден од лидерите во дисконт-трговијата.