ФИЛИПЧЕ СЕ ВАКЦИНИРАШЕ СО КИНЕСКАТА „СИНОФАРМ“, МИНИСТРИТЕ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ВО НАРЕДНИТЕ 10-14 ДЕНА

„Апелирам сите да се свесни дека вакцините се безбедни“, кажа Филипче по вакцинирањето.(Фото: К. Попов)

Министерот за здравство Венко Филипче денес ја прими првата доза од ковид вакцината на кинеската компанија „Синофарм“ и рече дека добро се чувствува. Вчера со кинеската „Синофарм“ се вакцинираше премиерот Зоран Заев.

„Вакцината е нешто што сите го чекавме. Апелирам сите да се свесни дека вакцините се безбедни, дека несаканите ефекти се навистина мали“, кажа Филипче по вакцинирањето.

Сите министри, согласно Националниот план за имунизација, во наредните 10 до 14 дена ќе ја примат својата доза, најави тој, додавајќи оти така е одлучено, Владата да се вакцинира после Собранието.

Според последните информации од Министерството за здравство, на вакциналните пунктови низ земјава заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 84.312 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 10.135 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.606 граѓани.

Во земјава имунизацијата се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“, „спутник“ и „Синофарм“.

Две дози на ковид вацкина досега примиле 20.650 граѓани. Со последните бројки 28% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

На сајтот вакцинација.мк пријавени се над 256.346 граѓани.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата, како и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

ИЗВОР: СДК.МК

Link with us
Game bài đổi thưởng