Претстојните предлози на Европската комисија за решавање на растечките цени на енергијата ќе имаат цел ограничување на гасот којшто Русија ѝ го испраќа на Европа по пат на гасоводот.
Предлозите исто така ќе понудат поддршка на произведувачите на електрична енергија кои ќе се соочуваат со намалена ликвидност, изјавила претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Брисел подготвува мерки за заштита на граѓаните и индустриите од растот на цените на гасот и струјата кои предизвикуваат економски удари во Европската унија, пренесува „Ројтерс“.
Фон дер Лајен на Твитер навела дека предлозите имаат цел да се ограничи цената на рускиот гас од гасоводот, да ја запре побарувачката за електрична енергија и приходите од енергетските компании да се користат за поддршка на загрозените потрошувачи и претприемачи.
„Путин ја користи енергијата како оружје, така што го намалува снабдувањето и манипулира со нашите енергетски пазари. Тој ќе пропадне. Европа ќе победи“, изјавила Фон дер Лајен.
Италијанскиот премиер Марио Драги предложил земјите од ЕУ да договорат горна граница на цената на гасот кој се увезува од Русија.
Поединечни членки на ЕУ се внимателни кон таа идеја, со оглед на ризикот дека Русија во знак на одмазда целосно би го прекинала снабдувањето на Европа со гас, наведуваат дипломатите.
Претседателот на Франција Емануел Макрон изјавил дека ќе го поддржи овој предлог.