Франција ќе се обиде да го олесни дијалогот Скопје-Софија

Визијата на Франција, како претседавач со ЕУ, за регионот на Западен Балкан содржи јасни европски перспективи, подразбира да инвестираме во регионот и да имаме заедничка амбиција во наредните децении, изјави францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер. Во однос на спорот на Северна Македонија со Бугарија, Бомгартнер рече дека Париз останува мобилизиран и ќе се обиде да помогне за олеснување на процесот, со цел земјава што поскоро да започне преговори со ЕУ.

-Постои тој спор и тие дискусии кои се водат помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кои се ветувачки и намерата на француското претседателство со Советот, во тесна координација со сите други европски институции, да се обидеме во соодветниот момент да го олесниме тој процес, за да добиеме она што е наша заедничка цел, а тоа е отворање колку што е можно побрзо на преговорите за членство во ЕУ – рече Бомгартнер.

Воедно, тој укажа дека францускиот претседател Емануел Макрон за јуни годинава најавил Конференција за Западен Балкан во рамки на француското претседателство со Унијата.

-Конференцијата нема да биде специфична конференција наменета само за проширувањето, но тоа ќе биде централната тема и освен конференцијата за оваа специфична тема, Франција веќе имала во повеќе наврати, поводи и тоа на највисоко ниво да ја покаже својата посветеност и ангажман за унапредување на европската перспектива на овој регион, а особено за европската кандидатура на Северна Македонија и сакаме и продолжуваме да сме активно мобилизирани – рече Бомгартнер.