Ѓоргиев: Имало бугарска окупација или инвазија, но не фашистичка

Може да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација, зашто Бугарија не била фашистичка земја, профашистичка да, меѓутоа фашистичка не, вели за РСЕ копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев.

(…)

Во мај годинава ќе се навршат четири години од кога е формирана заедничката комисија, а впечатокот е дека вие сè уште имате силни несогласувања со колегите од бугарската страна околу терминот заедничка историја. Професоре, дали вашите бугарски колеги инсистираат на тоа дека заедничката историја подразбира дека Македонците до 1945 година биле Бугари?

Да, тој термин е употребен во Договорот во членот што зборува за историската комисија и не е дефинирано што се подразбира под таа синтагма заедничка историја и ние дојдовме во судир со колегите од Бугарија во однос на тоа.

Што подразбираат тие под тоа?

Тие подразбираат дека станува збор за историја на еден народ, односно на бугарскиот народ која започнала кон средината на деветтиот век кога првото бугарско средновековно царство ја освојува територијата на Македонија. Според нив, тогаш се случува трајна етничка хомогенизација меѓу прабугарското население кое е дојдено од исток и словенското население кое живее на овие простори, се создава бугарскиот народ и оттогаш до 1944 година, тоа е историја само на еден народ, односно на бугарскиот народ.

(…)

Друго прашање кое често предизвикува несогласувања, кога и да се спомене, е терминот бугарски фашистички окупатор. Како според вас треба да се дефинира ова?

Според мене, Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за тогашна фашистичка Италија или нацистичка Германија. Ние може да ја третираме Бугарија како пронацистичка, профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка земја во тоа време. Според мене, оној термин кој овде може да се користи, за кој треба да се дебатира, повторно ние не може тоа со наша одлука да го наметнеме се разбира, е да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, затоа што овие простори би биле анектирани кон Бугарија доколку победеле силите на оската, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација. Профашистичка да, меѓутоа фашистичка не. Бугарија не е фашистичка земја, според мене, но и според видувањата на голем број научници на запад, нема фашистичко уредување во Бугарија. Постои еден авторитарен режим на Цар Борис таму, кој го суспендира работењето на бугарското собрание, меѓутоа Бугарија нема фашистичко уредување. Постојат внатре, условно кажано, фашистички движења, кои имаат фашистички идеи во себе, меѓутоа тие не се во рамките на самата бугарска држава, во структурата на владините тела. Така што од тој аспект најсоодветно би било користењето на бугарска окупација, бугарска инвазија

(…)

Интервјуто со копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев во целост прочитајте го тука