Ѓоргиев: Не бегаме од заедничката историја, но, не ја сфаќаме на начин како бугарската страна

Нема промена во реториката и пристапот на бугарската страна и сѐ додека е така, не може да очекуваме напредок во работата на заедничката комисија, вели Драги Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, коментирајќи ги последните изјави на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров дека во Комисијата нема напредок „поради неподготвеноста на колегите да прифатат дека имаме заедничка историја која почнала во средниот век“.

– Колку ќе се овозможи приближување на ставовите зависи и од двете страни, но со ваквите изјави другата страна однапред одредува во која насока ќе одат состаноците. Нема промена во реториката и во пристапот на бугарската страна и сѐ додека е тоа така, не очекуваме дека ќе има придвижување. Кога едната страна ја обвинува другата страна дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна, не може да се очекува напредок во процесот. Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но, тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски, тоа е само едно политичко толкување. Со постојанава реторика всушност се минираат исходите на средбите, вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.

Тој потврдува дека дека до крајот на мај е договорено да се одржат три средби. Претходниот договор, бил да се одржат до крајот на јуни, но на состанокот во Софија минатата недела било договорено да се скрати рокот, појаснува Ѓоргиев, за да може и Комисијата да даде свој придонес во новата динамика на односите на двете држави.

– На заедничките разговори неодамна во Софија со колегата Ангел Димитров се договоривме дека годишно можеме да имаме најмногу шест средби, затоа што и меѓу средбите имаме многу работа. Пртетходно бевме договорени да имаме по пет средби годишно, сега додадовме плус една, вели Ѓоргиев.

Следниот состанок на Комисијата ќе се одржи кон крајот на февруари во Софија, затоа што последната средба во живо беше во Скопје. Ѓоргиев вели дека сакаат колку може повеќе да се гледаат во живо, но тоа ќе зависи од состојбата со пандемијата.

Прашан за членот што недостасува во Комисијата, по заминувањето на професорот Ванчо Ѓорѓиев, копретседавачот на македонскиот тим најави дека деновиве ќе достават предлог до Министерството за надворешни работи, но оти Комисијата нема да е комплетирана до следната средба.

Шефот на бугарскиот дел на Заедничката историска комисија со Северна Македонија Ангел Димитров денеска во изјава за БНТ, обвини дека блокирањето на нормалниот ритам на работа на Комисијата се должи на како што вели „неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век“.

-Имаме искуство, знаеме што да очекуваме и пристапуваме со внимание и реализам, без посебни очекувања. Ние сме во средниот век, уште сме на материјата што се учи во основно училиште, се уште не сме стигнале до она што се учи во средно, а работиме три и пол години. Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работа на Комисијата, посочува Димитров.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Димитров вели и дека инсистирал разговорот за Гоце Делчев повторно да се отвори, при тоа изразувајќи жалење што тоа прашање ќе биде пред Мешовитата комисија по одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев.

Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.