Ѓоргиев: За Бугарија може да се каже дека била профашистичка не и фашистичка земја

Може да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација, зашто Бугарија не била фашистичка земја, профашистичка да, меѓутоа фашистичка не, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев.

Ѓоргиев во интервјуто, зборува дека досега немале средба со новиот премиер Ковачевски, дека на годишно ниво како Комисија имале зацртано да се состанат 6 пати и дека сеуште со членовите од бугарската страна во Комисијата имаат недоразбирања и дошле во судир, околу синтагмата заедничка историја што за прв пат се појави во Договорот за пријателство од 2017 година. Во интервјуто, тој објаснува и што бугарските членови подразбирале под оваа синтагма.

– Тие подразбираат дека станува збор за историја на еден народ, односно на бугарскиот народ која започнала кон средината на деветтиот век кога првото бугарско средновековно царство ја освојува територијата на Македонија. Според нив, тогаш се случува трајна етничка хомогенизација меѓу прабугарското население кое е дојдено од исток и словенското население кое живее на овие простори, се создава бугарскиот народ и оттогаш до 1944 година, тоа е историја само на еден народ, односно на бугарскиот народ вели Ѓоргиев во неделногто интервју за (РСЕ).

Околу терминологијата која произлегува од бугарската улога во Втората светска војна , Ѓоргиев смета : – Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за тогашна фашистичка Италија или нацистичка Германија. Ние може да ја третираме Бугарија како пронацистичка, профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка земја во тоа време. Според мене, оној термин кој овде може да се користи, за кој треба да се дебатира, повторно ние не може тоа со наша одлука да го наметнеме се разбира, е да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија.