ГРАД СКОПЈЕ ЈА ОТВОРИ ЕДУКАТИВНАТА ИНСТАЛАЦИЈА „ЧАСОВНИКОТ“ ВО НАСЕЛБАТА ДРАЧЕВО

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска (16.10. 2020 година) присуствуваше и се обрати на отворањето на просторната едукативна инсталација „Часовникот“, која беше поставена на отворената зелена површина во Парк Драчево.
Инсталацијата, која е продолжение на веќе отворената едукативна инсталација во населбата Ново Лисиче „Паркот на книгата“, пред сè е наменета за најмладите – децата, кои на начин само ним својствен влегуваат во својот имагинарен и фасцинантен свет изнијансиран, креиран и склопен во нивната цврста фабула што соодејствува со темата на проектот „Во имагинарниот свет на децата“.

– Часовникот преставува еден ирационален музеј во кој секој може да влезе, временски креативно да се движи низ лавиринтот-просторот, па преку месеците/цилиндрите да ја покаже вештината на креативниот ум, преку сезоните/боите и деновите во неделата/плочката да се насликаат необичните светови креирани во имагинацијата, која произведува раздвижување, раскажување и естетско задоволство – нагласи Јанчева.

Таа додаде дека ако можат децата имагинарно да ја реализираат својата замисла, Град Скопје може во реалноста и понатаму да поставува вакви едукативни инсталации, секако во дослух со конкретна општина, како што во случајов е Општина Кисела Вода. Град Скопје и понатаму ќе се залага за поставувањето на вакви едукативни инсталации, и тоа не само да ја анимира и едуцира детската популација, туку и да ја испровоцира и да ја предизвика нивната замисла, интелектуалниот развој и да им овозможи слободен креативен свет, нови нешта, па макар тоа и да е само фантазија.

– И сосема на крај ако она што го дава препознатливиот белег на инсталацијава е безрезервната приврзаност за движечкиот сензибилитет, интелектуалниот развој и креативноста на најмладите низ времето и просторот, тогаш препознатливиот белег на Град Скопје, поконкретно на Одделението за култура нека бидат мноштвото вакви едукативни инсталации следната година, а и понатаму – резимираше Јанчева.
Просторната едукативна инсталација „Часовникот“ е дел од Програмата за култура на Град Скопје за 2020 година.