Градоначалникот Марин се кандидираше за втор мандат

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска и официјално во просториите на ОО СДСМ Аеродром ја достави кандидатурата за уште еден мандат.
Тој им се заблагодари на членовите во сите месни одбори кои му ја дадоа поддршката за нов градоначалнички мандат.

„Во првиот мандат како градоначалник на Општина Аеродром ми беа потребни многу труд, време и енергија да се согледаат низата пропусти, аномалии, а воедно и да се постават вистинските цели, визии како и главната мисија со која веќе се промовираме како Општина лидер во земјата и во регионот со сигурна европска иднина. Затоа, гледам многу причини заедно со жителите на Општина Аеродром да продолжиме да го одиме овој пат“, изјави градоначалникот Марин.

Тој потенцира дека општ е впечатокот дека жителите на Аеродром чувствуваат позитивни поместувања во текот на овие четири години во насока на градење современа општина. „Да не го занемариме фактот дека и покрај пандемијата, Општината успеа да реализира огромен број проекти од сите сфери клучни за подобар живот на граѓаните“, рече Марин.

Секоја година се делат субвенции за набавка на инвертер клими и велосипеди, а за уште почиста животна средина се засадени околу 15 илјади садници од различен вид, а главната цел е да се стигне до бројка од 100 илјади, односно за секој жител по една садница. Исто така, Општината набави и прочистувачи за сите градинки со цел да осигураме чист воздух за нашите најмлади без оглед на објективните атмосферски влијанија.

„Сето ова влијаеше на фактот, оваа година да има енормно намалување на загадувањето на воздухот коешто најмногу го почувствуваа жителите на Аеродром, поточно беа само два до три дена во целиот зимски период кои можат да се сметаат за загадени“, посочува градоначалникот Марин.

Градоначалникот Марин од капиталните проекти би ги издвоил изградбите на двете детски градинки, изградбата на целосно новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, доградба на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во населбата Ново Лисиче, реконструкција на простории во училиштето „Ѓорѓија Пулевски“, целосно реновирање на училиштето „Блаже Конески“, преработени паркинзи, целосно обновени, реконструирани и модернизирани паркови во населбата Мичурин и паркот „Бојмија“ во населбата Острово, низа урбани паркови и скверови во населбата Стар Аеродром, повеќе од половина од отворените спортски игралишта се преработени со најсовремена и единствена во државата ергономска подлога за безбедно спортување на нашите жители, детските игралишта добија нови и безбедни реквизити и меки подлоги за безгрижна игра на најмладите, согласно со сите европски и светски стандарди.

Што се однесува до хигиената во рамките на имплементацијата на европските стандарди, Општина Аеродром се приклучи кон движењето Нула отпад – Европа и го зедовме најдобриот пример од Словенија, односно почнавме спроведување на одржувањето на јавната хигиена по теркот на градот Љубљана кој е актуелна зелена престолнина на Европа. Во тој контекст изработивме проактивен портал www.higi-aerodrom.mk, преку кој настојуваме во најкус можен рок да интервенираме на реакциите на жителите во однос на хигиената.

Со имплементација на проектите што ги имаме најавено во оваа област, а кои треба да се реализираат во наредните месеци, очекуваме заокружување на целокупниот процес на управување со отпадот којшто го создаваат жителите и природата. „Воедно, сакам да ги истакнам вложувањата во специјализирана опрема, односно најсовремени машини за чистење и одржување на јавната хигиена која секојдневно се на терен“, посочува Марин.

Во моментов Општината остварува стратегиска соработка со невладиниот сектор, а воедно преку новоформираното јавно претпријатие е во директна комуникација со претприемачки настроени жители и бизнис-заедницата, така што Општина Аеродром има повеќе од 100 проекти со локално економско значење.

„Продолжуваме со уште посилно темпо и во наредните четири години“, порача градоначалникот Марин по предавањето на кандидатурата за втор мандат.
5.7.2021
Општина Аеродром

Link with us
Game bài đổi thưởng