Граѓаните што добија порака за вакцинација во друг град, ќе се вакцинираат денеска во градот каде што живеат со покажување на СМС пораката

По серијата информации од граѓани дека за вакцинација добивале смс пораки да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат, Министерството за здравство соопшти дека по направената анализа на закажувањата на веб страница vakcinacija.mk е утврдено дека токму граѓаните напрвиле погрешен избор на пинктот каде што треба да се вакцинираат. Овие граѓани денеска можат да се вакцинираат во градот каде што живеат со покажување на смс пораката.

– Граѓаните при закажување на веб страницата vakcinacija.mk сами направиле погрешен избор на локација каде што сакаат да се вакцинираат, поради тоа системот автоматски им испратил порака за локацијата, односно вакциналниот пункт и градот, што сами го одбрале – велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека сите граѓани кои се соочиле со ваков проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација истото да го сторат денеска, во местото каде живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град.

– Не е потребно повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација. Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем. Пример – Лицето добило порака дека, треба да се вакцинира во Струга, а место на живеење му е во Скопје. Денеска може да оди на кој било вакцинален пункт во Скопје но задолжително да ја прикаже пораката што ја добил за вакцинација. Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира, веднаш- појаснуваат од МЗ.

Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, односно времето кое го добиле за вакцинација, како не би се создавал метеж на вакциналните пунктови.

Оттаму апелираат до граѓаните да се пријавуваат за вакцинирање на веб страницата vakcinacija.mk тоа е најлесниот и најбрзиот начин за да се вакцинирате.

Link with us
Game bài đổi thưởng