Со планот се брише маркичка за катна гаража, а се предвидува отворен паркинг. (Фото: Општина Центар)
Кога ќе завршат судските процеси, хотелите под скопското Кале долж реката Вардар ќе бидат избришани и ќе се предвиди зеленило и спортски терени, кажаа од Општина Центар на јавната презентација на Деталниот урбанистички план (ДУП) Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2. Во оваа верзија на планот маркичките за хотелите остануваат бидејќи, како што кажаа од Општината, не се завршени судските постапки и земјиштето не е вратено во државна сопственост. Исто така, до завршување на судските постапки остануваа и маркичките за културните објекти до Француски гробишта кои се продадени на приватни лица. Таму пак ќе се предвиди намена за државни институции.
„План за овој дел не е донесан од 1993 година. Со овој план, во однос на делот каде имаме домување со 4 згради и куќи се задржува постојната состојба, приземје плус 2 ката, односно нема зголемување на катноста. Придобивка за граѓаните е што сега со новиот план може да си ги дооофрмат парцелите и да си ги решат имотите. Измена е направено во делот од амбасадата на САД кон улицата Ѓорѓи Личеновски. На овој простор било предвидена изградба на катна гаража на 5 ката, но маркичката за неа сега се брише, бидејќи на средина поминува колектор на ‘Водовод и канализација’ кој треба да остане отворен, не смее да се затвора. Исто така, пределот над колекторот е стрмен, така што таков предел не е соодветен за градба. Сега предвидуваме паркирање во делот под колекторот, каде теренот е рамен, но не во катна гаража туку на отворен паркинг простор“, рече Билјана Насковиќ, радоводителка на Одделението за урбанистичко планирање на Општина Центар.
КУЌИТЕ КАЈ КАЛЕ И КАЈ МУЗЕЈОТ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ ЌЕ СЕ УРИВААТ ЗА ДА БИДЕ ЗЕЛЕНИЛО ОТИ ПРОСТОРOT Е ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ
Во овој дел преку реката Вардар се предвидува изградба на пешачки мост, со што се овозможува и за овој дел на Скопје паркирање за пристап до стадион и парк.
Со новиот план за првпат во овој дел се предвидува градинка, а на улиците Самоилова и Ѓорѓи Личеновски изведба на велосипедски и пешачки патеки. Во планот остануваат тунелите под Кале со трасата предвидена со Генералниот урбанистички план (ГУП) од 2012 кој е уште во важност, бидејќи новиот ГУП уште не е донесен.
Вчера, Општина Центар одржа јавна презентација и на планот Кале и СРЦ Кале. Со новиот ДУП сите куќи, хотели и објектите околу Музејот на соверемена уметност и околу Калето треба да се урнат ,оти тој простор е заштитено подрачје и не смее да има објекти туку се предвидува намена парковско зеленило.