ИНТЕРВЈУ НА РЕМЕНСКИ ЗА ФАКТОР: Нема кривично дело, случајот против мене е искреиран поради моите заложби за реформи на поранешната тајна полиција

Судскиот процес што се води против неа го нарече фатаморгана, со правни небулози и глумење на јавнообвинителско постапување. Фросина Ременски, професорка и поранешна висока партиска, но и државна функционерка, а сега обвинета во случајот Меѓународен сојуз, во интервју за Фактор зборува зошто смета дека во овој случај воопшто не постои кривично дело кај неа, ниту, пак, како што вели, таму има издржано обвинение. Потенцира дека во овој случај целата обвинителска постапка се состои во дејствија на злоупотреба, лажирање и прикривање на факти, кои неможат да се стават во кривичен контекст. Сите познавачи на кривично-правната материја, вели таа во интервјуто, ќе сфатат зошто обвинителството имало потреба да искреира случај против професорката Ременски, а тоа се, според неа, нејзините активни дејствија во процесот на реформирање на поранешната УБК… За нејзината улога во Меѓународен сојуз вели дека била само во форма на почесно членство, за што никаде во светот не се одговара. Дека имала пријателски односи со Бојан Јовановски, пак, не сака да крие, како што тоа, нагласува, сега го прават многумина….

За судскиот процес за Меѓународен сојуз во кој сте една од обвинетите, преку Вашиот фејсбук профил објавивте дека наликува на фатаморгана, како и дека во него се случуваат правни небулози и глумење на јавнообвинителско постапување. Зошто ова го велите?

Ременски: Сите мои објави ги темелам на факти и докази. Никогаш не сум објавила нешто што не е проверено и секогаш пишувам и условувам со име и презиме. Доказ дека објавите се точни, а документите во прилог веродостојни, е фактот што ниту еден орган, ниту едно прозвано лице до денес не демантирало нешто од објавеното, ниту пак тужело за некаква клевета. Неколку објави на социјална мрежа и дадени изјави за медиумите се однесуваат на причините зошто овој ПР-процес и обвинение го условувам метафорично и фактички како фатаморгана. Фатаморгана е вистинскиот израз за овој судски процес. Според значењето на самиот збор тоа е оптичка мамка кога на заморен патникму се причинува дека гледа предмети што не постојат. Во овој случај на јавноста и на граѓаните им се сервира слика дека Судот постапува по некаково издржано обвинение, за кое јавноста под притисок на пропаганда создала впечаток, а во суштина не само што не постои кривично дело кое ми се става на товар, туку целата обвинителска постапка се состои во дејствија на злоупотреба, лажирање и прикривање на факти кои неможат да се стават во кривичен контекст, зошто таков контекст не постои.

Јавното обвинителство (што се докажа на претходното рочишете) сериозно и недозволено го игнорирало начелото на координација и субординација, во фазата на предистрага и истрага во предметот Меѓународен сојуз, односно не го зело воопшто предвид постапувањето на јавниот обвинител Наум Пановски по сомневања за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од кривично дело“. Тој и други органи во фазата на истражување докажал и донел обвинителска одлука во која ги отстранил сите сомневања за сторено дело за лицата кои тогаш ги истражувал. Таа негова одлука била клучна за тројца судии на кривичниот совет при Судот кои донеле решение да ги ослободат замрзнатите средства во банка што ги примила тогаш осомничената, а денес сведокот на ОЈО – Љиљана Тодоровска на чија сметка „Пелистер“ ги префрлил средствата.

Многу од овие правни аргумени кои јавно ги изнесувам не ме засегаат мене лично во судскиот процес, но факт е дека креирањето на кривично-правен настан на незаконски начин и основи го тангира секој учесник во оваа судска постапка. Оттука, како стручњак во областа, го користам и моето знаење за правилата на постапување на органите, за да покажам дека, „технологијата за производство на обвинение“ мора да содржи „декларација на состојките на производот што некој треба да го конзумира“ за да се знае што се конзумира. Оваа метафора ја правам со цел на јавноста да ѝ доловам дека, доколку обвинителството користи отровни и недозволени состојки во производство на обвинението (тортата), консументот (Судот, обвинетите, јавноста) имаат право и треба да знаат како е дојдено до тој производ (тортата).

Јавноста во овој случај треба да знае дека, моите аргументирани тврдења со факти и докази укажуваат дека, обвинителството и застапникот на обвинението сториле недозволени повреди во постапката на истражување и прибавување на докази за некакво мое кривично-право дејание кое се коси со мојот професионален интегритет и целокупно општествено делување. За тоа зборува фактот дека, обвинителство во технологијата на лажирање на дело, без грам материјални и вербални докази (се покажа дека ОЈО нема и не предлага докази против мене) моето име, поточно мојот углед и авторитет го става во една реченица во обвинителен акт во контекст на некаков субјективен впечаток, кој пак, исто така беше демантиран и побиен на суд. Без било каков опис на некакви дејствија за помагање и докази кон тоа, обвинителството во сопствената технологија за креирање на „отровната торта“, моето име го зема за „состојка“ која на јавноста („конзументот“), ќе ѝ биде привлечна да ја конзумира.

Не случајно и зборувам дека, предоминантната сензационалистичка, навивачка и платена пропаганда во периодот на случајот со Бојан Јовановски и Катица Јанева беше искористена за класичен дефокус на јавноста од вистинските прашања, за кои до денес обвинителството не даде одговори, туку ги поттикна на едно тенденциозно обвинителско постапување заради фокус на јавноста кон тоа што не се факти.

Јавно пред суд и на рочиштето на 28 мај како забелешка кажав дека доколку ова дело е кривично дело (како што застапува ОЈО), тогаш многу други луѓе, а не јас, треба да седнат на обвинителна клупа, затоа што кога истражувале пропуштиле да утврдат елементи на кривично дело, односно сведоците на обвинителството не би можеле да бидат сведоци и затоа што не јас, туку половина од нив биле дел од тимовите за преговори со бизнисмените и ставиле формален потпис на договорите кои ги вклучиле. Додека пак, дејствијата на други политичари би биле многу посериозни кривични дела, пак ќе кажам, ако ова е кривично дело.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ НА ПОРТАЛОТ ФАКТОР.МК

Link with us
Game bài đổi thưởng