Исјановски: Брзи ковид тестови ќе имаме за 10 до 15 дена, ќе чинат 800 денари

Здравствениот дом е во преговори со фирми за воведување брзи тестови. Тестовите ќе пристигнат за 10 до 15 дена, а пунктот за тестирање ќе биде во поликлиниката Ѓорче Петров. Брзите тестови ќе се прават за 15 минути, и ќе чинат до 800 денари, рече доктор Виктор Исјановски, директор на Здравствениот дом Скопје и член на Комисијата за заразни болести во вечерашното гостување на телевизија Сител.

Тој објасни дека тестовите се одобрени од Светската здравствена организација и од Министерството за здравство, а граѓаните може да закажуваат преку бесплатна телефонска линија која ќе биде достапна за сите.

– Здравствениот дом е во проговори со четири, пет фирми кои имаат регистрирано дозвола од Светската здравствена организација за брзи тестови, пунктот ќе ни биде во поликлиниката Ѓорче Петров кој што е спремен за овие брзи тестови, луѓе да не мора да фрлаат огромни суми пари. Мислам дека најевтиниот е околу 50 евра или четири илјади денари, овие брзи тестови ќе се прават за 15 минути, и за граѓаните нема да бидат многу скапи. Некаде до 800 денари ќе чинат овие тестови, но секој оној кој што ќе го фати паника ќе му се појават симптоми нема да мора веднаш да го оптоварува здравствениот систем и домашниот буџет. Затоа Здравстевниот дом ќе воведе вакви брзи тестови кои ќе бидат пред се, квалитетни – посочи директорот на Здравствениот дом.

Како што појасни тој, доколку на тестот се покаже дека лицето е позитивно, мора да се потврди со ПЦР тест, а доколку е негативно нема потреба од тоа. Исјановски нагласи дека точноста е 99 отсто.

Идниот состанок на Комисијата за заразни болести се очекува да биде во петок, каде по предлог на министерот и заменикот министер за здравство ќе бидат повикани да присуствуваат и градоначалникот на Град Скопје и директорот на ЈСП за да се произнесат ставови во однос на воведување нови протоколи или мерки за сообраќајот во градот.