ЈОВАНОСКИ: Речиси 5 децении Фестивалот „Пеце Атанасовски“ успешно ги реализира своите темелни заложби, кои воедно беа и основна цел на неговите основачи

Речиси 5 децении Фестивалот „Пеце Атанасовски“ успешно ги реализира своите темелни заложби, кои воедно беа и основна цел на неговите основачи кога во далечната 1974 година го започнаа ова несекојдневно музичко патување кое прерасна во традиција: зачувување, негување и пренесување на богатото национално изворно творештво на новите генерации.

Семинарите, симпозиумите и едукативните работилници кои станаа составен дел на секое ново фестивалско издание, во многу што придонесоа за доближување на изворната музика до младите генерации. Богатството на македонскиот фолклор е неизмерно и бесценето. Затоа, организаторите, но и поддржувачите на Фестивалот – Министерството за култура и општините Прилеп и Долнени, имаат само еден аманет: традицијата не смее да згасне!

Пеце Атанасовски, Живко Фирфов, Илија Лашкоски, заедно со уште неколкумина ентузијасти и вљубеници во изворната македонска музика, се главните „виновници“ што два дена, во Прилеп и Долнени, ќе ечат звуците на тапанот и гајдата. Што ќе ѕвони гласот на народните пејачи. Што ќе се тресе земјата под нозете на играорците.

Она што посебно треба да се потенцира, е дека годинешниот Фестивал е значаен уште по нешто – а тоа е дека по пауза од 25 години, имавме ретка можност да го чуеме оригиналниот звук и пискотот на гајдата на магот на изворната народна музика, Пеце Атанасовски, кој пред две и пол децении го напушти овоземниот свет.

Тоа беше привилегија за сите присутни на синоќешното отворање на 47 Фестивал на народни инструменти и песни, „Пеце Атанасовски“.

Link with us
Game bài đổi thưởng