Одговарајќи за престанокот на работниот однос на дел од наставниците, градоначалникот на Тетово Биљал Касами вели дека не ги раскинал договорите и не избркал никого, туку како што додава, тие што го потпишале договорот знаеле до кога трае истиот.
„На 31 август им завршиле сите привремени договори кои биле во образованието и знаеле од моментот кога го потпишале договорот кога ќе им заврши, но директорите на училиштата имаат целосна одговорност да одлучат какви ќе бидат обврските од 1 септември и кои се заложбите за образовниот процес и во интерес на учениците“, изјави градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами.
Според Касами, тој никогаш никого не отпуштил од работа и дека не постапил како другите градоначалници и партии. Касами бара да не се политизира образованието.
„Ќе ве замолам да не ги политизирате и трауматизирате учениците. Целата посветеност на кадарот во училиштата беше во рамките на најдобриот интерес за образованието и учениците. Во ниту еден момент не се мешавме во училиштата, како што беше направено во другите училишта кога се смени власта, со промена на директори, со раскинување на привремени договори. Ние до крај го почитувавме и ќе го почитуваме квантитетот и во интерес на учениците и во интерес на развојот на образованието“, рече Касами.
Родителите на учениците вчера протестираа пред училиштето „Кирил и Методиј“ барајќи враќање на наставниците на нивните деца, откако ден претходно ги известиле дека повеќе не се дел од наставниот кадар заради истек на нивниот договор за работа.