ЌЕ СЕ ПРАВИ ТЕНДЕР ЗА ЛУНА ПАРКОТ ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ИМА 20 НОВИ РЕКВИЗИТИ, ЌЕ ПРИМИ 3.000 ПОСЕТИТЕЛИ И ЌЕ ЧИНИ 12 МИЛИОНИ ЕВРА

Од Град Скопје велат дека до август треба да биде готово проектирањето, по што веднаш ќе биде распишан тендер за изведувач и есенва ќе стартува изградбата. (Фото: СДК.МК)

Допрва ќе се прави проект за забавниот парк во Скопје. Град Скопје распиша тендер за изработка на техничка документација односно основен проект за изградба на Забавен парк, позиционирање на реквизити и пропратни содржини. Од Град Скопје велат дека до август треба да биде готово проектирањето, по што веднаш ќе биде распишан тендер за изведувач и есенва ќе стартува изградбата. Според проекциите на Градот, забавниот парк ќе биде готов во 2023, а ќе чини околу 12 милиони евра.

Во тендерската документација се бара проектот да биде изведен врз основа на студијата изработена од италијанското архитектонско студио „Баса“ која беше презентирана во 2019 и подарена на Град Скопје. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени од ексградоначалникот Коце Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20, како панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил.

„Овој забавен парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување на забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца и ќе има неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како фуд корнер, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети“, стои во тендерската документација објавена на страната на Бирото за јавни набавки.

Скопје нема луна парк веќе пет години. Ексградоначалникот Коце Трајановски во 2017 почна да го гради новиот луна парк на постојната локација и требаше да чини 6,5 милиони денари. Трајановски тогаш кажа дека ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк, но немаше одговор за забелешките од скопјани за непонуденото сообраќајното решение и пристап до бројните нови пратечки содржини на Луна паркот. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов градежните работи беа стопирани. Тогаш Шилегов кажа дека проектот на неговиот претходник не бил добар и дека во Скопје наместо луна ќе се гради забавен парк, на поголема површина и со многу повеќе реквизити за сите возрасти.

Link with us
Game bài đổi thưởng