Кондовски: Битола ќе го поддржи и развива ловниот туризам!

Развојот на туризмот ќе биде стратешка определба на Општина Битола, а како значаен дел во развојната стратегија во оваа област веќе е зацртан развојот на ловниот туризам, истакна денес кандидатот на СДСМ и коалициските партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски, на средба со претставници на Ловното здружение „Сокол“-Битола.

„ Битола ќе го поддржи и развива ловниот туризам бидејќи тоа е важен дел од целата стратегија за развој на туризмот во Битола. Ловните терени во битолскиот регион се вистински магнет како за битолските ловџии, така и за оние кои тука доаѓаат од другите делови на државата, но и надвор од неа. И тоа мора да се искористи за развој на туризмот. За таа цел со ловците делиме исто мислење дека заложбите мора да продолжат во правец на доуредување на ловните терени и обележување на патеките и ловиштата“, рече Кондовски.

Тој посочи дека соработката со ловните друштва е клучна за решавање на сите отворени прашања поврзани со ловот во битолско.

„ Во Битола има голем број ловџии организирани преку ловните друштва „Сокол“ и „Пелагонија Пелистер“. Соработката со нив е од исклучително значење за да можеме на потребите и на сите отворени прашања кои ги имаат ловџиите да одговориме најоптимално и со вистински решенија“, рече Кондовски.

На средбата, Кондовски и ловџиите разговараа и за различни можности и решенија за искористување на сезоната на лов.